Categories
број 3 Литература Поезија Фокус

Разговор со Ива

Ива, најнапред ти благодарам што си дел од ова интервју. Моментално си најмладата добитничка на „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, како и на „Антево слово“.
Во твојот книжевен корпус се „Двоумење“ (ПНВ Публикации, 2020) и „Тие“ (Блесок, 2018).

Во твојата поезија се чувствуваат длабоки елементи на светови во кои луѓето сонуваат за спокој, но и во кои поетесата е неразбрана, во своите думи замислена, небаре чувствува светска тежина.
Се прашува „кога ќе дојде крајот на војната“, дали луѓето дотолку се заледиле, едноставно се чувствува некакво чувство на носталгија. Каков однос имаш ти лично кон она што го твориш? 

Можеби главниот порив за пишување кај мене доаѓа од потребата за вистина, а поезијата е одлична за кажување на вистината бидејќи неа е често полесно да ја кажеш кога не важат некои јазични правила и ограничувања. Вистината е истовремено наједноставната и најкомплексната работа на светот и поради тоа е ретка. Иако верувам во спротивното, постои синтагмата “the truth is ugly.“ или „вистината е грда“ и мислам дека им е полесно на луѓето да ѝ дадат шанса ако ја кажете во стихови. 
Пишувањето (поезија или музика) го гледам и како обид за спојување, нешто што мислам дека е многу убаво.  
Ме воодушевува дека пишувањето ми дава шанса да му се обратам некому кој што воопшто и не го познавам. 

Би можела ли да ми кажеш дали и каква кохезија правиш помеѓу музиката и поезијата? Бидејќи, нели, обете уметности постојат да го направат светот поубаво место за живеење.

За мене се всушност многу одвоени. Творечкиот процес ми е многу различен со двете и едноставно само од време на време се допираат. Исто така забележувам дека наизменични ми се креативните периоди во едниот и во другиот начин на изразување, како да е толку интензивно што не можам истовремено да создавам и таму и таму. Музиката ја кажува вистината на друг начин, уште подобро и од поезијата бидејќи воопшто и не користи зборови. За мене тоа се едноставно различни јазици на кои што зборувам.  

Пред објавувањето на „Двоумење“, ја објави „Тие“. Дали можеш да направиш кратка инстроспекција или разлика на тоа што ти беше примарна инспирација кај едната, а што кај другата книга?

Навраќајќи се, можеби „Тие“ е книга со пркос и секако поради тоа и поневешта книга, но е многу шарена, некои од песните во неа беа и моите најрани обиди (ако не ги сметаме песните што ги пишував како дете) и има неколку фази од мене во неа. Ова е меѓудругото и бидејќи станува збор за дополнето издание, првиот ракопис можеби не го има толку тоа шаренило. Мислам дека во „Тие“ светот ме вознемирува на многу едноставен начин. „Двоумење“ од друга страна е според мене малку позрела книга, бидејќи она што ме вознемирува е повеќе внатре отколку надвор од мене. Таму главната тема е изборот, симбол истовремено на слободата, колку и на одговорноста.   

Музичар(к)ите и поетите/поетесите се оние што ни ја враќаат надежта, страста, сензитивноста, кревкоста. Но, во моментов како да сме во светска криза и недостиг на нежност. Најверојатно отсекогаш човештвото било во своевидна криза, но оваа криза се разликува од останатите по тоа што за прв пат доживуваме криза низ дигитална димензија. Како би се надоврзала ти на ова?

Мислам дека единствената смисла на уметноста е да ги зема сите сурови нешта и од нив да прави убави и нежни нешта. Суровината на една добра песна според мене мора да е нешто навистина одвратно. Мислам дека тука е сета вештина на еден уметник, да успее во тоа од ужасни нешта како смртта, загубата, стравот да направи песна, да роди нешто, и тоа е она што јас го барам од себе си. Не да ве направи да заборавите на тие нештa, туку токму во нив да го најдете убавото. Мислам дека тоа ја прави оваа професија благородна, да се осмелиш да го погалиш на некој начин и она што е диво и грдо и можеби она што го создаваш да ги убеди барем накратко луѓето да бидат добри, да му даде смисла на страдањето. Во спротивно како би можела да го заслужи своето место покрај докторите или рударите на овој свет.

Ива, за што сонува поетесата? За поетот до некаде знаеме. Караманов сонувал да биде „поет-динамит, поет на барикадите“. Песоа сметал дека е „ништо, дека никогаш нема да е нешто, но дека ги има сите соништа на светот во себе“.

Не сум сигурна дека знам за што сонува секоја поетеса, но јас сонувам да се отспијам, хахах. Шегата на страна, не мислам дека има воопшто некоја разлика помеѓу поетот и поетесата во поглед на соништата. Најверојатно сите поети знаат дека се ништо и сите сонуваат за мир. Сакам да верувам дека е така. Можеби сонуваат за слобода.   

И за крај – дали на музички и книжевен план имаш или планираш нови креации да ѝ подариш на публиката?

Па, да, има нешта кои се во подготовка: третата повеќејазична збирка „Тријажа“ излегува годинава како дел од едицијата „300 Ветрила“ на Темплум за кое што многу се радувам и имам уште еден снимен албум кој треба да излезе наскоро со составот „Improof“. Работам и на соло албум како и на моето прво прозно дело. „Тие“ и „Двоумење“ исто така ќе бидат реиздадени во една книга од страна на Темплум заедно со новата збирка.

Теодора Соколовска

Categories
број 2 Литература Фокус

Писател во фокусот: Мирче Нешовски

СИТЕ СМЕ ЗАРОБЕНИ ВО ОВОЈ СВЕТ! А, ИМАМЕ ЛИ ИЗБОР ЗА ДРУГ СВЕТ…?

Со писателот Мирче Нешовски, автор на романот „Воскресение / Experience“, во издание на Издавачката куќа „Феникс“, разговаравме за поезијата, прозата и воопшто за литературата, но и за други современи и актуелни теми…

Зошто проза по повеќе книги поезија?

Од зборот се зачна сè. И ние творците сè уште сме заробеници на зборот и постојано сме во потрага по Апсолутот, Демијург и есенцијата на суштествувањето, за со зборот малку да ја расветлиме и да ја подотвориме тајната книга на универзумот и на битието. Сето тоа е во скриеното богатство во светлите честички на духот.

Јасно е дека повеќе сум претставник на поетски книги отколку на прозни, но тие одеа во паралелно опстојување.

Досега се имам претставено со неколку романи: „Experience“ (2000), „Врховниот шеф на ѓаволот“ (2009), „Кабинетот на министерот Фауст“ (2010), „Повампирена земја“ (2014) и „Воскресение / Experience / Патот на Духот“ (2020).

Сето тоа е резултат на повозвишени сили од мене, кои секогаш поставуваа бариери и станува главни проценители и неретко (нејасно зошто) беа судии за авторскиот влог и ја спречуваа напреднатата идеја, визија или авторска утопистичка фикција за презентирање поинакви духовни трансмии од тоа што тие го научиле.

Прозата е мој тежок товар на многу творечки страници, меѓутоа не бил обелоденет, а презентираните поетски книги откриваат дека сум еднонасочно посветен во творечката структура и природа.

Хронолошки тоа не е така, туку сето се одвиваше подеднакво паралелно заедно. Меѓутоа, мојата прозна ризница лежеше во ракописна форма многу години, затворена во папки и духовните изохипси останаа во прашината на времето. Може и времето ги заборавило во таа прашина. Но, во мојата вечна духовна датотека имаше и повеќе напластени, неброени страници прозни записи: раскази, романи, драми, радиодрами итн. Меѓутоа, еден период активно објавував ликовни критики, а нешто помалку и книжевни критики и осврти.

Во далечните години, на 16-годишна возраст, во Домот на културата на градежниците, во кој постоеше и литературниот клуб „Кочо Рацин“, пред познатите македонски писатели, најпрво се претставив со еден мој расказ, „Смртта на уметникот“.

Тогаш, сè уште главна преокупација, визија и опсесија ми беше моето активно сликање. Тука, да кажам и дека на 15 години ја добив и југословенската награда за сликарство и сè уште мислев дека најмногу ќе бидам посветен на сликањето.

Неколку месеци по читањето на расказот, пред македонските писатели се претставив со една моја песна за „Парчосаното скршено небо“. Покојните писатели Чаловски, Коцевски и уште неколку ми се обратија: „Па, ние мислевме дека пишуваш само добра проза… а, еве, сега ни читаш и поезија“.

Значи, имам многу повеќе прозни ракописи, сместени во папки и спакувани во картонски кутии. И кој знае дали некогаш ќе ги отворам и ќе им се навратам. Дали некогаш ќе ги објавам? Тешко! Зашто многу од творештвото и самиот имам фрлено! А, закопаното духовно богатство во кутиите може вечно да остане заборавено и неоткриено…

Хронолошки, во 1972 година, кога имав 21 година, на Радио Скопје беше емитувана мојата радиодрама „Во воденицата“, а во 1975 година беше емитувана на хрватски на Радио Загреб.

Така, зборот паралелно течеше во повеќе интересни сфери и насоки: прозни, поетски, ликовни и книжевни критики и осврти, како и во истражување библиотечни студии.

Една моја библиотечна студија, „Третата технолошка револуција и можности за библиотечно компјутеризирање“, ја презентирав во 1981 год., на Југословенскиот библиотечен конгрес, одржан во Охрид. Потоа, професорите од Филозофскиот факултет во Белград ја презедоа и ја преведоа на српско-хрватски и на англиски јазик, а таму јас бев на постдипломски студии на групата Социологија на уметноста! Професорите им ја предаваа оваа студија како пример на своите постдипломци и ја дадоа на англиски јазик и ја предаваа на постдипломците во Кембриџ.

Имено, човекот кој создава, дали е тоа Дали, Пикасо итн., творецот  себеси се испитува во повеќе изрази, во повеќе интересни духовни и уметнички сфери. 

Тоа е и задачата на творецот – да плови по разбеснетите мориња во голем уметнички занес и со јасно озарение!

Тоа е задачата на творецот-уметник, да создава со својата субатомска неуморна енергија, која духот ја движи творечки во брановите на креативниот процес.

Романот „Воскресение“ го воскресна ли повторно авторот во себе?

Духовното воскреснување е постојана трансмисија на творечките светови!

Целта на творецот е да ја пренесе сугестијата која извира длабоко од суштествувањето, внурнувајќи го увото да слушне шумови, кодови, знаците, кои да речам му доаѓаат од небесната утроба. 

 Засега, немам намера да бидам статичен гледач, туку активно да учествувам во проекцијата за убавиот свет, под закрилата на „Теоријата на Небото!“.

Ние сме во Кафкиниот „Процес“, неминовно однапред осудени!

Во „Неименливото“ на Бекет сме неименливи и невидливи.

Во „Заточениците од Далтона“ од Сартр, секогаш сме во трагање на самотничките илузии.

Во „Сидарта“ од Хесе, јасно сме во течението на реката на животот и во разговор со ѕвездите и Демијургот!

Во „Мансарда“ од Киш сме и меѓу кучињата и меѓу станарите напишани во куќната табла.

А, најтешко е тоа што тие што читаат или, пак, проценуваат, ја читаат книгата од последната страница, па наназад!

Значи, не за нечиј инѕири, туку воопшто немам никаква потреба да се откажам од сонувањето за убавиот и среќен свет!

Воскресението е постојан трансцендентен и иманентен именител во мојот предизвик за јасна опстојба во светата творечка метаморфоза!

Секој човек во себе си го доживува „Окованиот Прометеј“, кој е во потрага по огнот на сознанието. Оттука, секој човек е неповторлив единствен егземплар во универзумот! Затоа и поетите се поистоветуваат со Орфеј, но воедно како творци постојано го тркалаат каменот како Сизиф кон врвот, иако почесто каменот ги струполува повторно прудолу! Тешко е да се дознае дали на творецот му беа залудни Сизифовските искачувања кон врвот, за усилбите тешко можеме и самите да дознаеме…

Алхемичарите трагаа по еликсирот на мудроста и вечната младост; за долг и вечен живот, а не се знае дали и тие беа во заблуда.

Метафизичарите талкаа помеѓу пречникот на бесконечноста и сеопфатноста на сферите.

Мудреците го бараа каменот за просветлување.

Астралните патувачи, патниците по невозможноста на душата, одеа по тие невозможни бескрајности и притоа влегуваа во паралелните светови.

Сепак, човекот и вселената сè уште останаа енигма во неоткриената света тајна.

За мене воскресението е сетило низ патот на духот со кој и јас сум оросен… А, духот е врз постулатот на искуствата во светоста на светот!

И како автор, секогаш сум во патешествијата меѓу наковалната на луњите, космичките бури и метаморфозите мои и на Овидие. Воскресението и метаморфозите на духот се постојана искуствена потрага низ бесконечната неизвесност на човекот, кој е во дослухот свртен кон „Увото на вселената“. Оттаму и допираат непознатите сигнали до нас, „Бескрајните знаци“, како чисти озаренија кои се во воскресението на творечкото кредо, за истрајното и трајно патување по брановите на непознатото на „Морекази“ – Сен Џон Перс итн.

Да се биде цел живот со книжевноста и книгите – има ли друг избор или…?

Делумно од ова прашање загатнав во прочитаните и непрочитаните книги кои ги искажав претходно!

Да, читам книги, дури и сега кога не примам плата за читање, проценување и селектирање публикации. Пак читам, дури и во сон ги препрочитувам и ги проценувам. Читам книги од сите области.

Избор може да има за секого… За мене, изборот е да бидеш сонувач како во „Алдебаран“ – Урошевиќ или да влезеш во солудите апатични матни води во овој свет и да пловиш со арката и да патуваш бесцелно сè додека реката со натежнатите темни бранови не те проголта во модрилото на Ахерон. Можеш да патуваш и бесцелно во овој живот, но тоа ќе биде чисто промашување и залудно потрошена космичка структура во самите вас.

Некои автори сè уште се останати на соцреалистичката литература. А, има и такви критичари, кои повеќе ги сакаат пасторалните приказни и сè уште ги проценуваат книгите напишани во 19-тиот век. Не сакаат да се потрудат да нурнат во новите тенденции преку магичниот реализам, преку апсурдот, егзистенционализмот и паралелните светови во херменевтиката. Бидејќи, тоа е внурнување во таканаречената неизвесност, хаотичност…

А, дали во светот владее хармонијата?! Очигледно е дека тенденцијата во светот е да владее повеќе хаотичната слика, отколку чистата слика за егзистирање и опстојба.

Што значи една прочитана книга? Една книга е целото светско богатство. А, повеќе книги е цел полн амбар на тоа богатство низ кое течат и дамарите на твоите предци и ја чинат иманентна алката на постоењето и на кодот на бивството!

Читам многу од книгите на соѕвездијата, како што го правеа тоа и старите ѕвездочатци- јасновидците.

Читам и ги истражувам и етерот на вечноста и празнините кои ѕиркаат од сите области и чии празнини во нивните бели страници треба да се потполнат и да се напишат со нови светли содржини… Значи, уште сум во неуморната потрага по непознатото. Уште трагаме, лунѕаме и залутуваме со метафизичките димензии.

Во книгите сè уште пулсираат дамарите на авторите, преку нив сè уште дишат авторите што ги напишале тие книги. Во секоја книга ќе се пронајдат и бунтувањата и смиренијата на немирните духови на творечката опсесија и трансмисија на зборот.

Една изгубена или непрочитана книга е изгубена душа која немирно ќе лута сè додека не дојде во рацете на оној кој ќе ја прочита и ќе ја разбере отворената книга на мегагалаксиите во нејзините страници!

Мирче Нешовски е писател роден во Скопје, го препознаваш ли сè уште својот град?

Скопје… Скопје… Скопје…!

Скопје во кое се родив, мечтаев, творев и живеев, не е она старото Скопје од моето детство исполнето со љубов и светли фантазии. По земјотресот во 1963 година, од рушевините и урнатините, Скопје се вивна како град на фениксот, се возобнови, се метаморфозира и веќе изгледа како нова светска метропола.

Но, во моите футуристички визии, Скопје треба да има свое метро. Метрото да биде балкански крвоток за комуникации со соседните држави. Ништо не значи оваа мала оддалеченост од 150 или 200 километри со соседните метрополи. Ова не е утопистичко гледање кон футуристичката иднина. Напротив, само некој треба да се залага и да ја има реалната вистинска визија за иднината на овој град. Овде не е сè во материјалистичкото гледање, овде станува збор за оскудно сиромаштво на духот. Значи, им недостасува целосната визионерска слика за посветеност и трансформирање кон новите технологии, кои веќе одамна се присутни во светот. Ние треба само да ги преземеме за да можеме да живееме во поубаво Скопје, во град кој граѓаните ќе живеат со љубов и со радост! Скопје треба да е проток на капитал и на творци и дејци, кои ќе создаваат во овој град, во Скопје, кој за мене е најсветиот и најубавиот град во светот! 

Каде плови твојот писателски брод сега, што се подготвува во твојата писателска лабораторија и работилница?

Мојот брод е преполн со ризници од книги и духовни светлини!

Епицентарот на мојот ѕвезден диск е во постоењето на видливиот и невидливиот свет.

Понекогаш, навлегувам во Енценсбергер, во неговата „Утопија: Умбрија“ (Глејте синови…!).

А, влегувам и во „Градот на Сонцето“ кај Кампанела. Сонцето е она кое од дискот ни ги фрла зраците за себеоткривање и себеспознавање.

Кој знае, можеби и самиот Бројгел овде ми ги има замрсено прстите и ме ставил во сликата „Бродот на лудите“.

Меѓутоа, нашиот вистински брод е планетата Земја. А, Земјата е тоа космичко тело за кое научниците тврдат дека е жив организам. Сите ние сме вовлечени во творечката експериментална и заумна лабораторија.

За мене е важно да се пишува посветено и вознесено и во пишувањето да се патува низ непознатото и неизвесното, за да се приближиме до Демијургот!

Значи, секој шум допира до мене или до нас, претставува некој знак кој треба да го ловиме или да го напишеме и да го претвориме во творечко дело.

Конкретно сега, во мојата работилница, го завршив мојот детски роман, кој има полн простор за сонување и кој се подготвува да влезе во некоја печатница. Може ќе добијат шанса и некои други публикации, ако за тоа се создадат можности. Како што почнав и на почетокот од интервјуто, имам и премногу готови ракописи кои го чекаат денот на своето објавување и да добијат свои иманентни својства во виделината во македонската духовна ризница.

Categories
број 2 Литература Фокус

Писател во фокусот: Велко Неделковски

1. Деновиве излезе од печат Вашата книга „Мојот другар тато“. Објавивте 12 песни за синот и таткото. Кога ги пишувавте овие песни и кој беше Вашиот основен инспиративен поттик? 

– Песните се напишани пред неколку години. Дел од нив се објавени во детски списанија. Самите се подредија во една тематска целина. Идејата и инспирацијата ми беа: восхитот на децата кон постапките на своите родители и нивната желба што повеќе време да поминуваат во игра и дружба со нив. Така детското растење ќе биде запомнето со нови сончевини.  

2. Еден сте од најпознатите македонски писатели за деца и млади. Го поминавте животниот век со децата и младите. Очигледно, се подмладувавте постојано и Вие? 

– Пишувањето за деца и млади значи и мое навраќање кон сопственото детство. Тогаш и така спомените духовно ме подмладуваат. Пишувањето за оваа возраст читатели бара тотална искреност. Затоа што децата се мали луѓе, свои личности, наша иднина.  

3. Дел од Вашите книги се и во лектирата за основно образование. Дали посакувавте и сонувавте како дете еден ден и Вие да бидете лектирен писател? 

– Моментно две мои книги („Збунети години“ и „Шармери од Осмо“) се застапени во лектирата. Претходните 20 години тоа беше мојот роман „Втората смена“. Убаво и годи тоа чувство кога делата се високо вреднувани и пречекувани со читателска радост. Веројатно сум го присакувал токму тоа уште во најраното детство. 

4. Покрај за деца и млади, Вие пишувате и за возрасни. Автор сте и на раскази, романи, поезија за возрасни, драми… Тоа значи дека сте комплетен автор. Може ли да се дели литературата и писателот – за возрасни и за деца? 

– Автор сум на 20 книги и за возрасните читатели. И на исто толку за најмладите. Рамно 40 досега објавени наслови. Нема, барем за мене, разлика во приодот кон литературата за деца и за возрасни. Треба да се пишуваат дела со искрени и чесни букви.  

5. Создавате и хаику поезија. Како еден прозен писател (раскажувач и романсиер) се изразува поетски и преку само три стиха? 

– Пишувам хаику, да. Кратка, концизна форма, тристишје. Досега не сум ги објавил овие мои песни во книга. Хаику е тежок, но благороден поетски жанр. Потребна е економичност во исказот и раскошен проблесок на мислата. Ги запишувам, ги стилизирам, некои имаат вредност на трајни афоризми.  

6. Малкумина знаат дека Вие и цртате и сликате. Кажете ни нешто повеќе за тоа. Имале ли и други уметнички таленти? 

– Понекогаш цртам, онака аматерски, за своја душа. Главно графики и акварели. Некои од нив се мошне успешни и врамени за нашата куќна мини-изложба. Цртањето (сликањето) за мене е продолжен лет на писателската мисла кон визуелни предели.  

7. И Вашиот син и внук тргнаа по Вашиот писателски пат. Какво е чувството да се имаат директни наследници од семејството на творечки план? 

– Да, се разгранува тој уметнички ген и во моите потомци. Синот Огнен е познат текстописец, драмски автор и телевизиски сценарист. Внукот Филип дипломираше на Музичка академија и веќе со голем успех компонира забавни и народни мелодии. Помладиот син Дејан ми беше соработник на дел од ТВ серијата „Народни приказни“. Дејан е автор и на објавената книга новели „Сребрениот часовник“.  

Прашањата ги подготви: Христо Петрески

Categories
број 2 Литература Фокус

Уметник во фокусот: Славица Купенкова

Со Славица Купенкова, илустраторот на двете нови изданија од едицијата Учење низ игра на Феникс разговаравме на темата литературата за деца и млади и улогата на илустрациите во нејзиното креативно облагородување.

Учење низ игра 1 и Учење низ игра 2

Која е улогата на илустрацијата во литературата за деца?

Ја сакам литературата за деца, а илустрациите се многу важни затоа што ги забавуваат децата и им овозможуваат да учат преку слики. Секој издавач знае дека сликите и илустрациите ќе ги направат привлечни нивните изданија и ќе ја зголемат продажбата.
Се разбира при тоа најпрвин е неопходно илустрацијата да биде соодветна за возрасната група на која се нуди книгата. Постојат различни видови и стилови на илустрација и потребно е целосниот работен процес претходно да се испланира добро.
Илустрациите треба да содејствуваат и на содржината на книгата и во зависност од тоа илустрацијата да е нежна, забавна, хумористична и слично.

Какви се илустрациите денес и што ги издвојува и како тие ги подобруваат приказните?

Повеќето од илустрациите кои ги среќаваме во детските книги се разликуваат многу, но исто така имаат и некои сличности што ги прават успешни. Но сепак е битно секој илустратор да изгради свој специфичен и препознатлив стил. Тој стил и изглед понатаму ќе се прилагодува на текстот на книгата.
Моите илустрации имаат само задача да ја надополнат пораката на авторот на книгата. Детската илустрација нуди многу големи можности за ослободување на фантазијата и може да го инспирира читателот.
Најдобро е континуирано да се проучуваат новите изданија бидејќи и илустрацијата континуирано се менува.
Книгите од пред 20 години изгледаат сосем поинаку од оние што се нудат сега. Децата растат брзо и вкусот и чувството за хумор се менува со возраста. Затоа и илустрацијата треба да се прилагоди на возраста, и да се следи интересот кај публиката за одредени книги кои се продаваат добро.
Исто така, треба да одлучите колку илустрации ви се потребни за да ја претстават книгата на привлечен начин и да го оживеат текстот во книгата. Големината и дизајнот зависи и од бројот на деталите кои треба да ги опфати. Илустраторот треба да е во постојана комуникација со авторот како би ја доловил пораката во книгата и во зависност од дозволениот буџет.
Исто така возраста на читателот влијае на бројот на илустрации (сликовниците бараат многу повеќе илустрации отколку роман).
Нескромно, но вистинито е дека во детската литература илустрациите им донесуваат живот на книгите. Пожелно е во сликовниците илустрациите да одат на една страна, а со повеќе детали. Дури е докажано и испитано колку илустрациите ги подобруваат и оживуваат спомените за приказните, придонесуваат за интерактивно читање со родителите, а со тоа и писменоста.
Не е чудно што илустрациите се толку присутни во книгите за мали деца. Тие го привлекуваат и задржуваат нивното внимание и го олеснуваат разбирањето на текстот кој се чита.
Добриот издавач ќе ја втемели својата литература и кон развој на децата, нивниот вокабулар и нивниот морал преку настаните во книгата и ќе промовира силна порака.

Колку илустрацијата придонесува за разбирање на текстот?

Мојот син е на двегодишна возраст и сликите во сликовниците го подобруваат вниманието и разбирањето на текстот. Радоста од илустрациите остава простор да ги засака и буквите, а полиците полни со книги освен полици полни со играчки даваат одлична насока. Визуелните сигнали помагаат во толкување на текст, а тоа понатаму им помага на читателите да изградат доверба во нивните вештини за разбирање во читањето. Забавните и смешни илустрации овозможуваат да се привлечете вниманието дури и на најнемирните деца и ќе му помогнат на младиот читател да изгради доверба во своите вештини.
Илустрираните романи им помагаат на децата да ги идентификуваат и да сочувствуваат со емоциите и реакциите на ликовите и да ги разберат нивните карактери.

Моментални и планирани активности во блиска иднина?

Моментално работам на сликовниците од едиција „Учење низ игра“ на издавачката куќа Феникс, од кои две изданија се веќе завршени и ќе се достапни многу наскоро, а третото е во постапка. Првите две изданија се напишани од Христо Петрески и Велко Неделковски и се исполнети со многу едукативни активности. Изданијата ги илустрирав и се надевам дека довербата ќе ми биде укажана и за понатамошните изданија на оваа едиција.
Имаме пристап кон прекрасни илустрирани сликовници и книги кои само чекаат да бидат прочитани и се нудат онлајн на веб страниците на издавачките куќи.

Славица Купенкова е магистер по економски науки, љубител на уметноста и илустратор. Повеќе за нејзината уметност на нејзиниот блог.