Ива, најнапред ти благодарам што си дел од ова интервју. Моментално си најмладата добитничка на „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, како и на „Антево слово“.
Во твојот книжевен корпус се „Двоумење“ (ПНВ Публикации, 2020) и „Тие“ (Блесок, 2018).
Во твојата поезија се чувствуваат длабоки елементи на светови во кои луѓето сонуваат за спокој, но и во кои поетесата е неразбрана, во своите думи замислена, небаре чувствува светска тежина.
Се прашува „кога ќе дојде крајот на војната“, дали луѓето дотолку се заледиле, едноставно се чувствува некакво чувство на носталгија. Каков однос имаш ти лично кон она што го твориш?
Можеби главниот порив за пишување кај мене доаѓа од потребата за вистина, а поезијата е одлична за кажување на вистината бидејќи неа е често полесно да ја кажеш кога не важат некои јазични правила и ограничувања. Вистината е истовремено наједноставната и најкомплексната работа на светот и поради тоа е ретка. Иако верувам во спротивното, постои синтагмата “the truth is ugly.“ или „вистината е грда“ и мислам дека им е полесно на луѓето да ѝ дадат шанса ако ја кажете во стихови.
Пишувањето (поезија или музика) го гледам и како обид за спојување, нешто што мислам дека е многу убаво.
Ме воодушевува дека пишувањето ми дава шанса да му се обратам некому кој што воопшто и не го познавам.
Би можела ли да ми кажеш дали и каква кохезија правиш помеѓу музиката и поезијата? Бидејќи, нели, обете уметности постојат да го направат светот поубаво место за живеење.
За мене се всушност многу одвоени. Творечкиот процес ми е многу различен со двете и едноставно само од време на време се допираат. Исто така забележувам дека наизменични ми се креативните периоди во едниот и во другиот начин на изразување, како да е толку интензивно што не можам истовремено да создавам и таму и таму. Музиката ја кажува вистината на друг начин, уште подобро и од поезијата бидејќи воопшто и не користи зборови. За мене тоа се едноставно различни јазици на кои што зборувам.
Пред објавувањето на „Двоумење“, ја објави „Тие“. Дали можеш да направиш кратка инстроспекција или разлика на тоа што ти беше примарна инспирација кај едната, а што кај другата книга?
Навраќајќи се, можеби „Тие“ е книга со пркос и секако поради тоа и поневешта книга, но е многу шарена, некои од песните во неа беа и моите најрани обиди (ако не ги сметаме песните што ги пишував како дете) и има неколку фази од мене во неа. Ова е меѓудругото и бидејќи станува збор за дополнето издание, првиот ракопис можеби не го има толку тоа шаренило. Мислам дека во „Тие“ светот ме вознемирува на многу едноставен начин. „Двоумење“ од друга страна е според мене малку позрела книга, бидејќи она што ме вознемирува е повеќе внатре отколку надвор од мене. Таму главната тема е изборот, симбол истовремено на слободата, колку и на одговорноста.
Музичар(к)ите и поетите/поетесите се оние што ни ја враќаат надежта, страста, сензитивноста, кревкоста. Но, во моментов како да сме во светска криза и недостиг на нежност. Најверојатно отсекогаш човештвото било во своевидна криза, но оваа криза се разликува од останатите по тоа што за прв пат доживуваме криза низ дигитална димензија. Како би се надоврзала ти на ова?
Мислам дека единствената смисла на уметноста е да ги зема сите сурови нешта и од нив да прави убави и нежни нешта. Суровината на една добра песна според мене мора да е нешто навистина одвратно. Мислам дека тука е сета вештина на еден уметник, да успее во тоа од ужасни нешта како смртта, загубата, стравот да направи песна, да роди нешто, и тоа е она што јас го барам од себе си. Не да ве направи да заборавите на тие нештa, туку токму во нив да го најдете убавото. Мислам дека тоа ја прави оваа професија благородна, да се осмелиш да го погалиш на некој начин и она што е диво и грдо и можеби она што го создаваш да ги убеди барем накратко луѓето да бидат добри, да му даде смисла на страдањето. Во спротивно како би можела да го заслужи своето место покрај докторите или рударите на овој свет.
Ива, за што сонува поетесата? За поетот до некаде знаеме. Караманов сонувал да биде „поет-динамит, поет на барикадите“. Песоа сметал дека е „ништо, дека никогаш нема да е нешто, но дека ги има сите соништа на светот во себе“.
Не сум сигурна дека знам за што сонува секоја поетеса, но јас сонувам да се отспијам, хахах. Шегата на страна, не мислам дека има воопшто некоја разлика помеѓу поетот и поетесата во поглед на соништата. Најверојатно сите поети знаат дека се ништо и сите сонуваат за мир. Сакам да верувам дека е така. Можеби сонуваат за слобода.
И за крај – дали на музички и книжевен план имаш или планираш нови креации да ѝ подариш на публиката?
Па, да, има нешта кои се во подготовка: третата повеќејазична збирка „Тријажа“ излегува годинава како дел од едицијата „300 Ветрила“ на Темплум за кое што многу се радувам и имам уште еден снимен албум кој треба да излезе наскоро со составот „Improof“. Работам и на соло албум како и на моето прво прозно дело. „Тие“ и „Двоумење“ исто така ќе бидат реиздадени во една книга од страна на Темплум заедно со новата збирка.
Теодора Соколовска