Categories
број 2 Литература Фокус

Писател во фокусот: Мирче Нешовски

СИТЕ СМЕ ЗАРОБЕНИ ВО ОВОЈ СВЕТ! А, ИМАМЕ ЛИ ИЗБОР ЗА ДРУГ СВЕТ…?

Со писателот Мирче Нешовски, автор на романот „Воскресение / Experience“, во издание на Издавачката куќа „Феникс“, разговаравме за поезијата, прозата и воопшто за литературата, но и за други современи и актуелни теми…

Зошто проза по повеќе книги поезија?

Од зборот се зачна сè. И ние творците сè уште сме заробеници на зборот и постојано сме во потрага по Апсолутот, Демијург и есенцијата на суштествувањето, за со зборот малку да ја расветлиме и да ја подотвориме тајната книга на универзумот и на битието. Сето тоа е во скриеното богатство во светлите честички на духот.

Јасно е дека повеќе сум претставник на поетски книги отколку на прозни, но тие одеа во паралелно опстојување.

Досега се имам претставено со неколку романи: „Experience“ (2000), „Врховниот шеф на ѓаволот“ (2009), „Кабинетот на министерот Фауст“ (2010), „Повампирена земја“ (2014) и „Воскресение / Experience / Патот на Духот“ (2020).

Сето тоа е резултат на повозвишени сили од мене, кои секогаш поставуваа бариери и станува главни проценители и неретко (нејасно зошто) беа судии за авторскиот влог и ја спречуваа напреднатата идеја, визија или авторска утопистичка фикција за презентирање поинакви духовни трансмии од тоа што тие го научиле.

Прозата е мој тежок товар на многу творечки страници, меѓутоа не бил обелоденет, а презентираните поетски книги откриваат дека сум еднонасочно посветен во творечката структура и природа.

Хронолошки тоа не е така, туку сето се одвиваше подеднакво паралелно заедно. Меѓутоа, мојата прозна ризница лежеше во ракописна форма многу години, затворена во папки и духовните изохипси останаа во прашината на времето. Може и времето ги заборавило во таа прашина. Но, во мојата вечна духовна датотека имаше и повеќе напластени, неброени страници прозни записи: раскази, романи, драми, радиодрами итн. Меѓутоа, еден период активно објавував ликовни критики, а нешто помалку и книжевни критики и осврти.

Во далечните години, на 16-годишна возраст, во Домот на културата на градежниците, во кој постоеше и литературниот клуб „Кочо Рацин“, пред познатите македонски писатели, најпрво се претставив со еден мој расказ, „Смртта на уметникот“.

Тогаш, сè уште главна преокупација, визија и опсесија ми беше моето активно сликање. Тука, да кажам и дека на 15 години ја добив и југословенската награда за сликарство и сè уште мислев дека најмногу ќе бидам посветен на сликањето.

Неколку месеци по читањето на расказот, пред македонските писатели се претставив со една моја песна за „Парчосаното скршено небо“. Покојните писатели Чаловски, Коцевски и уште неколку ми се обратија: „Па, ние мислевме дека пишуваш само добра проза… а, еве, сега ни читаш и поезија“.

Значи, имам многу повеќе прозни ракописи, сместени во папки и спакувани во картонски кутии. И кој знае дали некогаш ќе ги отворам и ќе им се навратам. Дали некогаш ќе ги објавам? Тешко! Зашто многу од творештвото и самиот имам фрлено! А, закопаното духовно богатство во кутиите може вечно да остане заборавено и неоткриено…

Хронолошки, во 1972 година, кога имав 21 година, на Радио Скопје беше емитувана мојата радиодрама „Во воденицата“, а во 1975 година беше емитувана на хрватски на Радио Загреб.

Така, зборот паралелно течеше во повеќе интересни сфери и насоки: прозни, поетски, ликовни и книжевни критики и осврти, како и во истражување библиотечни студии.

Една моја библиотечна студија, „Третата технолошка револуција и можности за библиотечно компјутеризирање“, ја презентирав во 1981 год., на Југословенскиот библиотечен конгрес, одржан во Охрид. Потоа, професорите од Филозофскиот факултет во Белград ја презедоа и ја преведоа на српско-хрватски и на англиски јазик, а таму јас бев на постдипломски студии на групата Социологија на уметноста! Професорите им ја предаваа оваа студија како пример на своите постдипломци и ја дадоа на англиски јазик и ја предаваа на постдипломците во Кембриџ.

Имено, човекот кој создава, дали е тоа Дали, Пикасо итн., творецот  себеси се испитува во повеќе изрази, во повеќе интересни духовни и уметнички сфери. 

Тоа е и задачата на творецот – да плови по разбеснетите мориња во голем уметнички занес и со јасно озарение!

Тоа е задачата на творецот-уметник, да создава со својата субатомска неуморна енергија, која духот ја движи творечки во брановите на креативниот процес.

Романот „Воскресение“ го воскресна ли повторно авторот во себе?

Духовното воскреснување е постојана трансмисија на творечките светови!

Целта на творецот е да ја пренесе сугестијата која извира длабоко од суштествувањето, внурнувајќи го увото да слушне шумови, кодови, знаците, кои да речам му доаѓаат од небесната утроба. 

 Засега, немам намера да бидам статичен гледач, туку активно да учествувам во проекцијата за убавиот свет, под закрилата на „Теоријата на Небото!“.

Ние сме во Кафкиниот „Процес“, неминовно однапред осудени!

Во „Неименливото“ на Бекет сме неименливи и невидливи.

Во „Заточениците од Далтона“ од Сартр, секогаш сме во трагање на самотничките илузии.

Во „Сидарта“ од Хесе, јасно сме во течението на реката на животот и во разговор со ѕвездите и Демијургот!

Во „Мансарда“ од Киш сме и меѓу кучињата и меѓу станарите напишани во куќната табла.

А, најтешко е тоа што тие што читаат или, пак, проценуваат, ја читаат книгата од последната страница, па наназад!

Значи, не за нечиј инѕири, туку воопшто немам никаква потреба да се откажам од сонувањето за убавиот и среќен свет!

Воскресението е постојан трансцендентен и иманентен именител во мојот предизвик за јасна опстојба во светата творечка метаморфоза!

Секој човек во себе си го доживува „Окованиот Прометеј“, кој е во потрага по огнот на сознанието. Оттука, секој човек е неповторлив единствен егземплар во универзумот! Затоа и поетите се поистоветуваат со Орфеј, но воедно како творци постојано го тркалаат каменот како Сизиф кон врвот, иако почесто каменот ги струполува повторно прудолу! Тешко е да се дознае дали на творецот му беа залудни Сизифовските искачувања кон врвот, за усилбите тешко можеме и самите да дознаеме…

Алхемичарите трагаа по еликсирот на мудроста и вечната младост; за долг и вечен живот, а не се знае дали и тие беа во заблуда.

Метафизичарите талкаа помеѓу пречникот на бесконечноста и сеопфатноста на сферите.

Мудреците го бараа каменот за просветлување.

Астралните патувачи, патниците по невозможноста на душата, одеа по тие невозможни бескрајности и притоа влегуваа во паралелните светови.

Сепак, човекот и вселената сè уште останаа енигма во неоткриената света тајна.

За мене воскресението е сетило низ патот на духот со кој и јас сум оросен… А, духот е врз постулатот на искуствата во светоста на светот!

И како автор, секогаш сум во патешествијата меѓу наковалната на луњите, космичките бури и метаморфозите мои и на Овидие. Воскресението и метаморфозите на духот се постојана искуствена потрага низ бесконечната неизвесност на човекот, кој е во дослухот свртен кон „Увото на вселената“. Оттаму и допираат непознатите сигнали до нас, „Бескрајните знаци“, како чисти озаренија кои се во воскресението на творечкото кредо, за истрајното и трајно патување по брановите на непознатото на „Морекази“ – Сен Џон Перс итн.

Да се биде цел живот со книжевноста и книгите – има ли друг избор или…?

Делумно од ова прашање загатнав во прочитаните и непрочитаните книги кои ги искажав претходно!

Да, читам книги, дури и сега кога не примам плата за читање, проценување и селектирање публикации. Пак читам, дури и во сон ги препрочитувам и ги проценувам. Читам книги од сите области.

Избор може да има за секого… За мене, изборот е да бидеш сонувач како во „Алдебаран“ – Урошевиќ или да влезеш во солудите апатични матни води во овој свет и да пловиш со арката и да патуваш бесцелно сè додека реката со натежнатите темни бранови не те проголта во модрилото на Ахерон. Можеш да патуваш и бесцелно во овој живот, но тоа ќе биде чисто промашување и залудно потрошена космичка структура во самите вас.

Некои автори сè уште се останати на соцреалистичката литература. А, има и такви критичари, кои повеќе ги сакаат пасторалните приказни и сè уште ги проценуваат книгите напишани во 19-тиот век. Не сакаат да се потрудат да нурнат во новите тенденции преку магичниот реализам, преку апсурдот, егзистенционализмот и паралелните светови во херменевтиката. Бидејќи, тоа е внурнување во таканаречената неизвесност, хаотичност…

А, дали во светот владее хармонијата?! Очигледно е дека тенденцијата во светот е да владее повеќе хаотичната слика, отколку чистата слика за егзистирање и опстојба.

Што значи една прочитана книга? Една книга е целото светско богатство. А, повеќе книги е цел полн амбар на тоа богатство низ кое течат и дамарите на твоите предци и ја чинат иманентна алката на постоењето и на кодот на бивството!

Читам многу од книгите на соѕвездијата, како што го правеа тоа и старите ѕвездочатци- јасновидците.

Читам и ги истражувам и етерот на вечноста и празнините кои ѕиркаат од сите области и чии празнини во нивните бели страници треба да се потполнат и да се напишат со нови светли содржини… Значи, уште сум во неуморната потрага по непознатото. Уште трагаме, лунѕаме и залутуваме со метафизичките димензии.

Во книгите сè уште пулсираат дамарите на авторите, преку нив сè уште дишат авторите што ги напишале тие книги. Во секоја книга ќе се пронајдат и бунтувањата и смиренијата на немирните духови на творечката опсесија и трансмисија на зборот.

Една изгубена или непрочитана книга е изгубена душа која немирно ќе лута сè додека не дојде во рацете на оној кој ќе ја прочита и ќе ја разбере отворената книга на мегагалаксиите во нејзините страници!

Мирче Нешовски е писател роден во Скопје, го препознаваш ли сè уште својот град?

Скопје… Скопје… Скопје…!

Скопје во кое се родив, мечтаев, творев и живеев, не е она старото Скопје од моето детство исполнето со љубов и светли фантазии. По земјотресот во 1963 година, од рушевините и урнатините, Скопје се вивна како град на фениксот, се возобнови, се метаморфозира и веќе изгледа како нова светска метропола.

Но, во моите футуристички визии, Скопје треба да има свое метро. Метрото да биде балкански крвоток за комуникации со соседните држави. Ништо не значи оваа мала оддалеченост од 150 или 200 километри со соседните метрополи. Ова не е утопистичко гледање кон футуристичката иднина. Напротив, само некој треба да се залага и да ја има реалната вистинска визија за иднината на овој град. Овде не е сè во материјалистичкото гледање, овде станува збор за оскудно сиромаштво на духот. Значи, им недостасува целосната визионерска слика за посветеност и трансформирање кон новите технологии, кои веќе одамна се присутни во светот. Ние треба само да ги преземеме за да можеме да живееме во поубаво Скопје, во град кој граѓаните ќе живеат со љубов и со радост! Скопје треба да е проток на капитал и на творци и дејци, кои ќе создаваат во овој град, во Скопје, кој за мене е најсветиот и најубавиот град во светот! 

Каде плови твојот писателски брод сега, што се подготвува во твојата писателска лабораторија и работилница?

Мојот брод е преполн со ризници од книги и духовни светлини!

Епицентарот на мојот ѕвезден диск е во постоењето на видливиот и невидливиот свет.

Понекогаш, навлегувам во Енценсбергер, во неговата „Утопија: Умбрија“ (Глејте синови…!).

А, влегувам и во „Градот на Сонцето“ кај Кампанела. Сонцето е она кое од дискот ни ги фрла зраците за себеоткривање и себеспознавање.

Кој знае, можеби и самиот Бројгел овде ми ги има замрсено прстите и ме ставил во сликата „Бродот на лудите“.

Меѓутоа, нашиот вистински брод е планетата Земја. А, Земјата е тоа космичко тело за кое научниците тврдат дека е жив организам. Сите ние сме вовлечени во творечката експериментална и заумна лабораторија.

За мене е важно да се пишува посветено и вознесено и во пишувањето да се патува низ непознатото и неизвесното, за да се приближиме до Демијургот!

Значи, секој шум допира до мене или до нас, претставува некој знак кој треба да го ловиме или да го напишеме и да го претвориме во творечко дело.

Конкретно сега, во мојата работилница, го завршив мојот детски роман, кој има полн простор за сонување и кој се подготвува да влезе во некоја печатница. Може ќе добијат шанса и некои други публикации, ако за тоа се создадат можности. Како што почнав и на почетокот од интервјуто, имам и премногу готови ракописи кои го чекаат денот на своето објавување и да добијат свои иманентни својства во виделината во македонската духовна ризница.