Categories
број 2 Литература

Влегувам во една замрзната земја…

„Влегувам во една замрзната земја, иако не можам да кажам на која држава ѝ припаѓа…“
Вака започнува романот „Патување во чудна земја“, неверојатно возбудлива приказна која трогнува и допира до срцето, книга која ќе ве остави без здив…

„Патување во чудна земја“ е роман за татковците и синовите, тагата, сеќавањето, семејството и љубовта; за јазовите меѓу нас и оние што ги сакаме, и погрешните скршнувања од патот за да ги најдеме. Воспитувањето на децата не е воопшто лесна задача. Правите грешки дури и без да знаете, а кога ќе ги направите – често е премногу доцна за да ги поправите. Не постои навигација за родителство.

Светот е обвиен во снег. Сите летови се откажани и возењето е опасно, но Том тргнува од Белфаст со автомобил низ опасен и подмолен пејзаж за да го врати дома за празниците својот син. Во домот на Том останува сопругата Лорна, ќерката Лили и празнината што останала поради отсуството на другиот син Даниел. Непромисленоста и потрагата по возбуда на Даниел го разнишаа нивниот семеен живот и го втурнаа Том во депресија. Сомнежите демнат во задниот дел од неговиот ум. Дали Даниел навистина е негов син? Дали тој потсвесно се однесувал кон него поинаку? Каде сето тоа тргна наопаку? Што можеа да направат поинаку како родители? Но, на ова осамено возење од Белфаст до Сандерленд, Том ќе биде вовлечен во едно друго патување, без мапа или водич и е принуден да нацрта патеки од семејната историја, прогонуван од сеќавањата, обвиени со тага.

Преслушајте ја плејлистата со сите песни кои се споменуваат во книгата, составена од издавачот Bloomsbury како придружник на ова ремек дело на Дејвид Парк.

https://open.spotify.com/playlist/4ong8hyY4tMnZMVZxOsn7X

Фотографии од Sonya Whitefield инспирарани од книгата

https://www.sonyawhitefield.com

Categories
број 2 Сценска уметност

Потрага по допир

…Покажи капка на платно, сликарот ќе почне да зборува за што друго, ако не за КОНТРОЛИРАН ИНЦИДЕНТ… Покажи простор и Рисима Рисимкин ќе зборува за што, ако не за МОЌТА НА ТАНЦОТ и со телесната изразност на танчерите ќе создаде ДИНАМИЧНА ПОЕТСКА ВИЗИЈА – Танц во празниот простор. ТАНЦ, еден од најдлабоките делови на нејзиниот персоналитет, кој три децении е во лавиринтот на неговата маѓепсна убавина, што ја поттикнува нејзината непресушна креативност и креира уметност.
…Уметност на мигот, што ќе рече еден од најпознатите кореографи на современиот танц, Мерс Канингам, која не се носи дома под мишка… Таа се доживува… А, доживувањето како субјективно перцепирање на нештата со збор пишан или изговорен не можат целосно да се објаснат…
Како и да е, го имавме тоа задоволство да присуствуваме на еден таков чин – ‘Уметност на мигот’ што ни го приопшти Рисима Рисимким по повод нејзиниот триесетгодишен јубилеј во сферата на Танцовата уметност.
Креативен чин, како сублимат на нејзината богата кореографска дејност и креативните дострели. Високо професионално обмислен и осмислен по однос на сите вкомпонирани елементи во перформансот: Музичко-танцова и ликовно-илуминативна исхармонизираност. Извонредно впечатлива синтеза помеѓу современата танцова лексика со ритуална посветеност и силната кинетичка енергија изведувана од целокупниот танчерски состав и класичната балетска техника, играта на врвот од прстите, во неповторливата интерпретација на Мими Поп Алексова. Стил и естетика низ кои провејуваше духот на кинеската танцова култура во „ПОТРАГА ПО ДОПИР“.

Емилија Џипунова

Categories
број 2 Сценска уметност

РеПЛАТФОРМА

Современ танцов проект, како дел од едукативната програма за студентите од Академијата за балетска педагогија – одсек за современ танц при ФМУ-УКИМ и циклусот од соработката на проф. д-р Искра Шукарова со познати уметници-кореографи и предавачи од светот, реализирани се и презентирани пред љубителите на современиот танц во Македонија неколку перформативни проекти.
„ПРОЕКТОТ М„ во соработка со Грегор Каминикар од Словенија, изведен во фоајето на МОБ, „ЧУДНА ШУМА„ два пати – премиерно и репризно на малата сцена при Македонската филхармонија во соработка со Урсула Реагли од Соединетите Американски Држави.
Го имавме тоа задоволство да бидеме сведоци на уште еден перформативен чин, реализиран во преддворието на ФМУ. На еден сублимат од повеќедневното работење, во танц работилницата, на Чарлс Снендер-Вајт и Лијан Бурнес, кореографи од САД со студентите од катедрата по современ танц на горенаведената Академија и Факултет.
Имено, станува збор за кореографско дело насловено како „РеПЛАТФОРМА„.
Дело инспирирано и работено според албумот на Холи Херндон, кој пак им бил рамка за нивниот поодамна реализиран современ дуетен танц, чија основна идеа е преку процесот на работењето да ги испитаат релациите помеѓу луѓето и дигиталниот простор. Односно, релациите произлезени од алгоритмите креирани при самиот процес на преспитувањето.
Таквиот процес на работење со студентите несомнено го поттикнува нивниот внатрешен порив и енергија. Стимулација и хармонизирање на индивидуалното и креативно изведувачко умеење на слободното танцово движење. Мошне впечатливо тоа и ни го презентираа во скалестите простори од предворијата на ФМУ и МБУЦ Илија Николовски-Луј.

Емилија Џипунова

Categories
број 2 Литература

Како да се напише урбана и ангажирана песна

За книгата „Разден“ од Кристина Николовска, во издание на Центарот за култура „Ацо Караманов“ – Радовиш, 2020 година

Стихозбирката Разден од поетесата Кристина Николовска, добитник на наградата Караманов за 2020 година, е посветена на поезијата и поетите, односно на Ацо Караманов, Коста Рацин, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Даница Ручигај, незнајниот поет… 

Создадена е во духот на современата, актуелна, постдмодерна македонска поезија, како потрага, крик и лелек по духовното наспроти материјалното, кон вечното и трајното а не дневното и минливото, како аманет и тестамент како да се создаде и напише урбана и ангажирана песна. 

Сите творби во книгата претставуваат своевиден контрапункт, апотеоза, дитирамб, химнични напеви, мини поеми, тристишија, катрени, постаменти… 

Книгата се отвора и започнува со филозофијата на паузите, т.е. филозофијата и паркингот на животот. Како подотворени и раздиплени страници од горчлив и трагикомичен роман – како и секој живот, а да (се) раздени – како песна! 

Творештвото како игра, но не само со раката, пенкалото, моливот, пердувот, перодршката, хартијата, тастатурата, туку со мислата, зборот, пораката, поентата, зачудувањето и очуденоста… 

Словољубие, а не славољубие – вели авторката. Во отсуство на урбана и ангажирана песна, создава поетски бисери и медалјони, со афористичен призвук и ирониски артефакти, како што е случај и со духовитата и брилијантна песна Иронија: Сите мислат дека знаат што е / иронија… / Е, тоа е иронија!       

Разденот е зборот, за мугроносникот Коста Рацин, за новото раѓање, за Караманов – глас, спас, како јас, како нас… 

Поетска сончевина, ганевина… Со прекрасни зборови и зборообразувања: дарбеник, заводник на речта, оригиналник… 

За Анте Поповски: историјата на светлината, камбани на сознанието, страдалнички солзи, нема ништо поголемо од големиот македонски јазик… 

За Петре М. Андреевски: солзарник (сад со солзи – медовина од бол)… Парче душа, поетнина. 

За Даница Ручигај: стихољубие. Новиот поетски разден, водопад од поезија. 

За незнајниот поет: одбегнувајте чисто поетски места.  

За умирачката: патарината е иста за сите!  

Мисли, сентенци, оди за родољубието, животот, поезијата, спонтано и импулсивно, творечки и креативно! 

Лего-сложувалка, сонувалка, себеранувалка, запишувалка… 

Стапици, загатки и одговори во дилемите и прашањата, на пример: совршено невештите или невешто совршените… 

Дваесет и пет песни поделени во петте циклуси: Тактика, Љубезност, Ист век со сонцето, Потонати сонца и Разден. 

Трета поетска книга, како нова трета среќа по претходните две книги: Десимфонија (Книжевна младина на Македонија, 1988) и Мугроносна (Книжевна младина на Македонија, 1989).

Христо Петрески 

Categories
број 2 Литература

Претставување на стварноста

„Мојот маж“ на Румена Бужаровска  и „Мојот непријател Итар Пејо“ од Калина Малеска 

            „Мојот непријател Итар Пејо“ од Калина Малеска и расказите „Мојот маж“ на Румена Бужаровска претставуваат вистинко освежување во современата македонска книжевна продукција на кратката литературна форма – расказ. 

            Шокантна и потресна, Бужаровска без филување и без заобиколување, директно и крајно реално прикажува дел од македонската секојдневност. Преку портретите на 11 жени, таа прикажува одредени стереотипи и општествено „прифатени“ норми кои се карактеристични за македонското општество, но и за Балканот како културна целина. Сите прикажани жени имаат одреден „дефект“, одреден проблем со својот маж. Така, првата е самопотчинета жена, која формално го поддржува својот маж-поет. Таа знае дека неговата поезија нема вредност. Знае кои се неговите капацитети и можности, но свесно дозволува да биде „заведена“ од неговите „евтини“ додворувања. Тој поседува извесна доза на шарм, но таа е свесна дека може повеќе и може подобро. Дури и се чуди како можела да заврши со некој како него. Втората е жена-вдовица. Нејзиниот маж тукушто починал и таа седи изгубено. Но, тоа е само привид, бидејќи оваа жена имала љубовник. Таа е огорчена и иако сите се грижат за неа мислејќи дека сега е скршена од болка заради смртта на мажот, вистината е дека таа ја губи смислата на животот зашто сега прељубата повеќе нема смисла. Кулминацијата во овој расказ доаѓа во моментите кога една друга жена – мајката на главниот лик, признава дека во младоста и таа била прељубничка. Мајката и ќерката, кои до тогаш не споедлуваат емоции и немаат блискост, сега одеднаш се поблиски од кога било. Третата е изневерена жена. Таа е типичен лик на домаќинка која „служи“ на сопругот и децата. Таа е целосно зависна од сопругот и неговата плата, бидејќи не работи. Сепак, за својата „лојалност“ кон семејството таа е „наградена“ со изневерување. Четвртата е мајка на синче кое има „лоши“ гени, кои секако се наследени од неа. Иако ја знае вистината, таа молчи кога нејзиниот сопруг ја обвинува за сите лоши работи што детенцето ги прави. Правдата ќе биде задоволена кога нејзиниот маж ќе дознае дека е посвоен и дека не потекнува од многу ценетото семејство. Петтата е жена на 16 години постар маж-гинеколог. Таа е потценета од него зашто тој за себе смета дека има сериозна работа која ја изедначува со уметност. Неговата жена е свесна за неговата работа, но не гледа ништо уметничко во неа. Таа знае што е уметност, зашто пишува одлична поезија, која на крајот ќе го шокира нејзиниот маж. Шестата жена е уметник-аматер. Таа е самобендисана и вообразена. Живее во својот свет и мисли дека е вистински уметник. Нејзината илузија ја разбива внуката која е вистинска сликарка. Седмата жена е сопруга на амбасадор. Таа е прељубничка, но не затоа што не е задоволна од својот маж, туку зашто ѝ е досадно. Таа е разгалена жена која е научена секогаш да добива сѐ. Нејзиниот комодитет ќе ѝ го расипе друга жена со која ќе биде нејзиниот љубовник. Осмата жена е мајка на разгалено синче. Таа станала мајка иако не била подготвена за таа улога. Нејзиниот маж е пресреќен зашто има син и го разгалува. Деветтата жена има 15 години постар маж. Тој е внимателен и љубезен, вистински џентлмен. Сепак, има одредени правила по кои живее. Тука има класичен судир на генерации. Интересно е што секоја сабота ја носи кај својот пријател каде таа седи по еден час. Десеттата е мајка на грдо девојче. Таа има болна мајка која живее сама на село. Нејзиниот маж не ѝ дозволува да ја посетува зашто се плаши дека девојчето може да се разболи од истата болест иако болеста не е заразна. Девојчето умира, а нејзината смрт е казна за таткото. Последната, единаесетта жена е прељубничка. Таа се согласува на прељуба само затоа што тоа е модерно. На крајот авантурата завршува како една голема гротеска.

            Бужаровска е сурово реална во претставувањето на сите женски, но и машки судбини. На прв поглед, овие жени се доживуваат како обесправени жртви, а авторката како некој кој се залага за нив и ги брани. Но, дали е така? Дали овие жени се жртви? Одговорот на ова прашање е не. Тие се еднакво одговорни за своите животи, како и нивните мажи. Ниту една од нив не е натерана со сила да биде во ситуациите во кои се наоѓаат. Зад нивната животна слика стојат тие самите, односно нивната немоќ да бидат нешто друго. Која е причината едната да биде во брак со неуспешен поет чијашто работа таа не ја почитува? Што ја тера другата да има дете ако не е подготвена за семејство? Зошто дозволува третата да биде изневерена? Одговорите Бужаровска ги крие во слоевитоста на секој од ликовите. Таа претставува одреден тип на жени и со нив поврзува соодветен тип на мажи. Тие меѓусебно си одговараат, зашто, колку и да звучи неверојатно, сите врски во животот се градат според законите на привлекување на сличното со слично. Зад секоја од овие жени стои нивната немоќ и страв да бидат нешто друго. Да се борат за себе и за своите потреби. Да го кажат своето мислење и да бараат тоа мислење да биде почитувано. Зад сите овие портрети се крие несигурноста на македоската жена. Бужаровска на одличен начин направила студија на неколку женски модели на размислување, живеење и однесување. Овие модели, повеќе или помалку, ги среќаваме постојано. Тие не се измислени книжевни ликови, туку наши блиски или далечни роднини, пријателки, познанички, жените од нашето окружување. За сите нив е заедничко немањето самопочит и газењето на сопствената личност заради некоја чудна цел. Мажите, пак, се недоволно реализирани, разгалени личности кои недоволно се созреани за врската наречена брак. Сите ликови се длабоко податливи за сериозна психолошка анализа. Преку таквата градба на ликовите, Бужаровска како да прави истражување на корените на сѐ почестата дисфункционалност на семејствата. Веројатно и таа самата постојано се судрува со такви реални ликови кои ја тераат да размислува каде е основата на таквите појави и кој е „виновен“ за таквата состојба. Тоа прави да се запрашаме: Дали ваквите однесувања се во основата на нашите битија како жени или ова е некој македонски културен синдром, пренесуван низ вековите од мајка на ќерка? Одговорот на ова прашање е комплекесен. Она што е неспорно е дека малограѓанската зачмаеност, млитавоста и немањето доволна мотивираност нешто да се смени прави сѐ повеќе жени да ги препознаеме во овие ликови. Овие раскази се сведоштво за една кутурна и духовна затапеност, за една зачмаеност од која како да не постои излез. Оттаму можеби произлегува шокантноста на овие текстови, зашто вистината секогаш звучи шокантно кога е соопштена на директен начин. Румена Бужаровска секако успеала во својата намера да предизвика будење кај читателот. Со едноставниот, прецизен и јасен стил, направила соопштувањето на таа вистина да има правилен оддек во читателскиот ум. Овие раскази можат да се гледаат и како задолжително четиво кое има превентивно и катарзично дејство. 

            За разлика од расказите на Бужаровска, расказите во „Мојот непријател Итар Пејо“ носат една поинаква шокантност. Во овие раскази на Калина Малеска шокот е предизвикан од изненадувањето. Насловот на збирката е земен од првиот расказ. Тука од самиот почеток се поставува прашањето: Зошто и кому му е непријател Итар Пејо? Одговорот може да се добие веднаш, во првиот расказ, но тој се провлекува и во секој нареден, до крајот на збирката. Негативното конотирање на овој фолклорен лик, од самиот почеток ни сигнализира метафоричност и нѐ насочува прочитаното да го гледаме и од опачината. Со вклучувањето на токму овој лик, кој се карактеризира со досетливост, итрост и шегобијност, Малеска на извесен начин прави генеза на македонскиот човек и посегнува по културната генетика. Тоа ѝ е потребно, веројатно за подобро да го разбере Македонецот. Со спротивставувањето на безимениот наратор и Итар Пејо, Малеска успева да го сврти вниманието кон уште еден важен, главен лик од овие раскажувања. Притоа, фолклорната тема е ставена во еден современ и реален контекст. Ако го погледнеме раскажаното од друг агол можеме да забележиме дека и во ова „наше“ време имаме некој богат кој со силата на парите присвојува имот, обичен човек кој има секојдневни егзистенцијални проблеми како болести, немање храна и немање средства за живот, а во истата средина има и таков кој со мајтап знае да добие најмногу. Во ликот на Марин може да се препознае некој новинар кој постојано бележи сѐ и од забележаното прави приказна и со тие приказни ги полни медиумите. Но, оној кој е невидлив е токму обичниот човек. Тој ја трпи сета неправда, поминува низ сите згоди и незгоди, за на крајот да остане безимен. Неименувањето е практично еднакво на непостоење. Овој коцепт се провлекува во сите раскази, а во расказот „Во огледалото“ Малеска и буквално го покажува. 

            Расказите од „Мојот непријател…“ течат лесно и се интересни и забавни. Стилот е едноставен, лесен, ненаметлив и изобилува со дозирана духовитост. Изобилуваат со превртени перспективи и хиперболизирана реалност која има за цел да го привлече вниманието кон суштинските пораки на македонската културна реалност. Преку парадоксалните случки во расказот „Господарот на маалото“, на пример, Малеска покажува до кој степен е затворен умот на луѓето. Иако овој расказ делува смешно, тој во своето јадро носи одромна тегобност која воопшто не е забавна. Малеска на одличен начин, преку хиперболизација на опишаните настани укажува на насилството кое во сите можни облици го имаме околу нас. Притоа, шокантно е колку сите ние сме навикнати на тие насилства и дури ги сфаќаме како нешто најобично и најсекојдневно. Состојбата е страшна и алармантна и затоа расказот како да вреска, како на секој збор да има извичник. И повторно, сето тоа воопшто не е смешно. Дури ни комедиите кои треба да нѐ засмеваат не се смешни. Затоа ликот од „Како да се напише комедија“ решава да напише вистинска комедија. На тоа ја предизвикуваат двајца автори на комедија. Секако, дуелот, иако се работи за тројца, (или труелот како што кажува нараторот) завршува така како што може да се претпостави, со невидливост и целосно игнорирање на вистинската комедија. На крајот „невидливиот“ автор пишува комедија во стилот на другите двајца и постигнува планетарен успех. Со тоа Малеска ја покажува глобалната апсурдност и комплетната извртеност на сите вредности. Тоа истото го има и во расказот „Поинаков вид оружје“. Силвија е талентиран студент по право кој завршува неславно зашто нема „снаодливост“, ја нема потребната „итроштина“ за да победи на квизот за кој другиот кандидат однапред ги има одговорите. Тоа е уште една реалност на општеството во кое живееме. Во таа реалност, ништо не е реално и затоа сме во постојана војна од која се браниме со штит од уметност, се трудиме нашите деца да ги направиме подобри со тоа што им плаќаме часови за различни активности како пливање, на пример. Работиме посветено и вложуваме во својата професија за која се натпреваруваме со нашите колеги за да на крајот бидеме и казнети повторно поради „поитрите“ од нас. Се образуваме и вложуваме во себе за на крајот да имаме проблем да најдеме вистински и достоен партнер со кој ќе создадеме семејство. Лебдиме во лебдечки згради изградени без темел и со тоа го губиме целосно тлото под нозете. Дозволуваме да нѐ проголта чудовиштето наречено технологија и да нѐ претвори во роботи, при што човечките функции си ги контролираме со копчиња. Животите ни се политички обоени, зашто само на тој начин можеме да преживееме. Се внесуваме во интриги, избувнуваме одеднаш и се лутиме без да сме сигурни дека сме во право. Мислиме дека сме центарот на светот и дека од нас потекнува сѐ. Си даваме за право да одлучуваме за другиот целосно водејќи се од сопствениот егоизам. 

            Со иронијата и алегоричноста, Малеска погодува директно во целта. Овие раскази, иако тематски и стилски се целосно различни, се надоврзуваат на расказите на Румена Бужаровска. Ставени едни до други, се силен аларм за освестување. Тие се јасен крик кој е непријатен и болен, крик кој има за цел да нѐ разбуди од оваа состојба на немоќ, зачмаеност и апсурдност. Затоа, е вистинска привилегија да се има можноста да се консумираат овие страници, да се „влезе“ во овие ситуации и со предизвиканите потреси на нашата срж да се преземе нешто. А, само со менувањето на нас самите можеме да предизвикаме глобални промени, промени кои ќе го направат ова време и ова место поубаво за живеење.  

Атина Цветаноска 

Categories
број 1 ин мемориам

Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил

Во спомен на починатиот охридски доктор, хуманист, уметник и поет Драган Спасески Охридски, споделуваме дел од неговата хаику поезијa:

ах ... кога творам
меѓу сништа и ѕвезди
во тебе Боже

во тебе... Боже
мислам значи треперам
значи постојам

Релативно е
се ... апсолутна ли е
релативноста

прости ми Боже
припитомен ли си ... во
дивиот човек

штом веќе леташ....
Гледај каде што најбрзо
можеш да слеташ.

ни темнина ни
тежина а течнина
ем вечнина...Ти

ако не знаеш
проблемот да го решиш
Не создавај го ...

за невдомени
зборови ... Песните се
прифатни центри

и најдоброто
не секогаш подобро
е ... Од доброто

ќе бидам што сум ...
Ако бев што не сум бил
не ќе бев што сум

Почивајте во мир…

Categories
Музика

Музичко – поетско чудо

Во март 2020 година, во CD формат и издание на „Југотон – Кроација Рекордс“ беше реиздаден култниот албум „Македонија пее“ на големиот уметник Зафир Хаџиманов. Оригиналното издание е објавено на винил, далечната 1986 година.

„Зафир пее – Македонија пее“ е нешто највредно што го создадов. Секој стих од првата до последната шансона на ова CD е вистински бисер, а мојата музика и пеење само ја оплеменуваат и ја галат. Мојот побратим Славе Димитров, со своите аранжмани, ги прелеа со злато овие драги камења од песни. Благодарам од срце. Секако, голема благодарност до издавачот за нивната повторна верба во мојот сон. Слушање на ова мало музичко – поетско чудо е чист љубовен чин, со слатки последици!

Зафир Хаџиманов

Доколку не сте во можност да го преслушате овој редок албум на компакт-диск, ви препорачуваме да го пребарате оригиналното издание Makedonija Pjeva на некоја од музичките стриминг платформи (Apple Music, Spotify, Deezer) и да уживате во ова мало музичко – поетско чудо…

Силјан, Феникс 2020

Зафир Хаџиманов е автор на издавачка куќа „Феникс“ и актуелен добитник на наградата „Гоцева мисла“. Наградата се доделува за целосен ангажман и придонес во афирмирањето на македонската култура и литература во светот.

Categories
број 1 Дизајн

Убавиот телефон

ISKRA ETA 80

  • За прв пат претставен на Љубљанскиот саем за електроника во 1978 година под името Олимпик
  • Дизајниран од легендарниот словенечки дизајнер Даворин Савник, кој се потпишува како дизајнер на сите телефони на компанијата Искра
  • Откако се појавува на пазарот, поради својата цена многумина не можат да го купат и затоа набрзо станува статусен симбол
  • Телефонот освојува многу интернационални награди и е дел од колекциите на повеќе музеи
  • Дел е од постојаната поставка на MOMA (Музејот на современа уметност во Њујорк)

Како звучи?

https://soundcloud.com/europeana/automatic-telephone-iskra-eta-80-ringing

Извори:
http://www.soundsofchanges.eu/sound/automatic-telephone-iskra-eta-80-sound-of-keypad/
http://50.bio.si/en/themes/bio-past/post/383/eta-80-the-electronic-telephone/
https://sloveniatimes.com/designer-of-legendary-analogue-phone-dies/

Categories
број 1 Литература Поезија

Само ѕвезди сме меѓу ѕвездите, еден ден што ќе згаснат…

Бисер е мигот
Панде Манојлов

Да останеме
во времето,
мила моја,
во спомените
на овој град,
да пешачиме
среќни
со своите мили,
со пријателите,
со добра мисла
да се љуби
ближниот свој
и да го благословиме
изобилието
на животот
подарен од Бога!
Секој миг е бисер,
секој ден –
вечност,
секоја година –
светлина,
а ние,
мила моја,
запомни:
само ѕвезди сме
меѓу ѕвездите,
еден ден
што ќе згаснат!

02.09.2019


Categories
број 1 Литература

­ Sвезденото небо над мене и моралниот закон во мене

„Денешната етичка состојба ја нарекувам етичка бездна, како израз на неизвесностите пред коишто стоиме, а нѐ опкружуваат грди состојби и лоши односи меѓу луѓето, кои ја потресуваат егзистенцијата на светот. Во опасност се климата и основните услови за живеење на човекот, воздухот, водата и почвата, има многу закани за растителниот свет и за животинските видови, кои секој ден сѐ повеќе се губат од лицето на Земјата, а меѓу најзагрозените суштества се самите луѓе, коишто самите се најодговорни за еколошките катастрофи и за опасните конфликти помеѓу себе.“

Градот и етиката, Кирил Темков, ФЕНИКС 2020

Книгата „Градот и етиката“ е дело на искусен и вешт автор, мајстор на литературниот збор, првокласен научник, кој своите знаења и умеења ги користи во оваа творба за да ја доближи реалноста на базичната човечка вредносна сфера до читателите. Во книгата се објаснети изворите на етиката во градот како основна човечка агломерација и етичка средина денес, споредено со настанувањето на етиката кај примитивните луѓе и во селските средини, потем е изложен системот на етиката во современото живеење, историјата и географијата на етиката, промените во етиката и вредносните пресвртувања во денешницата, значењето на етиката за животот на луѓето, шансите за надминување на етичките дискрепанции во современото живеење.

Книгата го следи новиот популарен метод на директни научни согледби, на компарации и на белетристика како форми за градење на сознанијата и свеста за новите предизвици на човекот, кои во книгата се објаснети комуникативно, со множество примери и со објаснувања блиски до секој современ човек. Ова е единствена книга според тематиката и литературниот пристап во нашите библиотеки за ширење на општите познанија и морални вредности.

проф. д-р Христо Петрески

За авторот

Професорот Темков бил четири децении наставник по Етика и Естетика на Филозофскиот факултет во Скопје. Според неговите учебници се изведува наставата по етика во основните и во средните училишта кај нас. Автор е на многу книги за етичката проблематика во современието, а особено во нашето општество.

Кирил Темков