Со стариот волк, управител на стадото, се случуваа необични работи. Сивото и остро влакно почна необично брзо да му белее и мекнее, забите му отапуваа, а одот му стануваше тром и несигурен… Со неколку збора, тој полека се претвораше во овца.
Стадото се вознемири. Тогаш, една овца рече:
„Сестри мои, по сѐ изгледа наближуваат изборите за управител на стадото, па стариот волк се претвори во овца за повторно да го избериме.“
„Аха, ќе видиме за тоа, ќе почека тој малку!!“ сложно извикаа овците.
„Па, што мислите да правите?“ ги запраша старата овца.
„Ќе си избереме овца за управител!“ повторно сите овци беа едногласни.
„Е, овци едни, веднаш по изборите и таа овца ќе се претвори во волк.“
„Како да не!!“
„Да, да. Паметам јас убаво дека и овој волк што сега ни е управител, пред да го избереме си беше мирна и кротка овца како сите ние.“
Па што?
Ванчо Полазаревски
Млад борец, 1981
























