„Им соопштувам на сите…
дека и оваа книга не е напишана од мене, туку од многумина други.“
Благодарност до Габриела Стојаноска-Станоеска.
„Им соопштувам на сите…
дека и оваа книга не е напишана од мене, туку од многумина други.“
Благодарност до Габриела Стојаноска-Станоеска.
Христо Петрески
Стихозбирката Разден од поетесата Кристина Николовска, добитник на наградата Караманов за 2020 година, е посветена на поезијата и поетите, односно на Ацо Караманов, Коста Рацин, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Даница Ручигај, незнајниот поет…
Создадена е во духот на современата, актуелна, постдмодерна македонска поезија, како потрага, крик и лелек по духовното наспроти материјалното, кон вечното и трајното а не дневното и минливото, како аманет и тестамент како да се создаде и напише урбана и ангажирана песна.
Сите творби во книгата претставуваат своевиден контрапункт, апотеоза, дитирамб, химнични напеви, мини поеми, тристишија, катрени, постаменти…
Книгата се отвора и започнува со филозофијата на паузите, т.е. филозофијата и паркингот на животот. Како подотворени и раздиплени страници од горчлив и трагикомичен роман – како и секој живот, а да (се) раздени – како песна!
Творештвото како игра, но не само со раката, пенкалото, моливот, пердувот, перодршката, хартијата, тастатурата, туку со мислата, зборот, пораката, поентата, зачудувањето и очуденоста…
Словољубие, а не славољубие – вели авторката. Во отсуство на урбана и ангажирана песна, создава поетски бисери и медалјони, со афористичен призвук и ирониски артефакти, како што е случај и со духовитата и брилијантна песна Иронија: Сите мислат дека знаат што е / иронија… / Е, тоа е иронија!
Разденот е зборот, за мугроносникот Коста Рацин, за новото раѓање, за Караманов – глас, спас, како јас, како нас…
Поетска сончевина, ганевина… Со прекрасни зборови и зборообразувања: дарбеник, заводник на речта, оригиналник…
За Анте Поповски: историјата на светлината, камбани на сознанието, страдалнички солзи, нема ништо поголемо од големиот македонски јазик…
За Петре М. Андреевски: солзарник (сад со солзи – медовина од бол)… Парче душа, поетнина.
За Даница Ручигај: стихољубие. Новиот поетски разден, водопад од поезија.
За незнајниот поет: одбегнувајте чисто поетски места.
За умирачката: патарината е иста за сите!
Мисли, сентенци, оди за родољубието, животот, поезијата, спонтано и импулсивно, творечки и креативно!
Лего-сложувалка, сонувалка, себеранувалка, запишувалка…
Стапици, загатки и одговори во дилемите и прашањата, на пример: совршено невештите или невешто совршените…
Дваесет и пет песни поделени во петте циклуси: Тактика, Љубезност, Ист век со сонцето, Потонати сонца и Разден.
Трета поетска книга, како нова трета среќа по претходните две книги: Десимфонија (Книжевна младина на Македонија, 1988) и Мугроносна (Книжевна младина на Македонија, 1989).
Христо Петрески