Categories
број 2 Литература Фокус

Писател во фокусот: Велко Неделковски

1. Деновиве излезе од печат Вашата книга „Мојот другар тато“. Објавивте 12 песни за синот и таткото. Кога ги пишувавте овие песни и кој беше Вашиот основен инспиративен поттик? 

– Песните се напишани пред неколку години. Дел од нив се објавени во детски списанија. Самите се подредија во една тематска целина. Идејата и инспирацијата ми беа: восхитот на децата кон постапките на своите родители и нивната желба што повеќе време да поминуваат во игра и дружба со нив. Така детското растење ќе биде запомнето со нови сончевини.  

2. Еден сте од најпознатите македонски писатели за деца и млади. Го поминавте животниот век со децата и младите. Очигледно, се подмладувавте постојано и Вие? 

– Пишувањето за деца и млади значи и мое навраќање кон сопственото детство. Тогаш и така спомените духовно ме подмладуваат. Пишувањето за оваа возраст читатели бара тотална искреност. Затоа што децата се мали луѓе, свои личности, наша иднина.  

3. Дел од Вашите книги се и во лектирата за основно образование. Дали посакувавте и сонувавте како дете еден ден и Вие да бидете лектирен писател? 

– Моментно две мои книги („Збунети години“ и „Шармери од Осмо“) се застапени во лектирата. Претходните 20 години тоа беше мојот роман „Втората смена“. Убаво и годи тоа чувство кога делата се високо вреднувани и пречекувани со читателска радост. Веројатно сум го присакувал токму тоа уште во најраното детство. 

4. Покрај за деца и млади, Вие пишувате и за возрасни. Автор сте и на раскази, романи, поезија за возрасни, драми… Тоа значи дека сте комплетен автор. Може ли да се дели литературата и писателот – за возрасни и за деца? 

– Автор сум на 20 книги и за возрасните читатели. И на исто толку за најмладите. Рамно 40 досега објавени наслови. Нема, барем за мене, разлика во приодот кон литературата за деца и за возрасни. Треба да се пишуваат дела со искрени и чесни букви.  

5. Создавате и хаику поезија. Како еден прозен писател (раскажувач и романсиер) се изразува поетски и преку само три стиха? 

– Пишувам хаику, да. Кратка, концизна форма, тристишје. Досега не сум ги објавил овие мои песни во книга. Хаику е тежок, но благороден поетски жанр. Потребна е економичност во исказот и раскошен проблесок на мислата. Ги запишувам, ги стилизирам, некои имаат вредност на трајни афоризми.  

6. Малкумина знаат дека Вие и цртате и сликате. Кажете ни нешто повеќе за тоа. Имале ли и други уметнички таленти? 

– Понекогаш цртам, онака аматерски, за своја душа. Главно графики и акварели. Некои од нив се мошне успешни и врамени за нашата куќна мини-изложба. Цртањето (сликањето) за мене е продолжен лет на писателската мисла кон визуелни предели.  

7. И Вашиот син и внук тргнаа по Вашиот писателски пат. Какво е чувството да се имаат директни наследници од семејството на творечки план? 

– Да, се разгранува тој уметнички ген и во моите потомци. Синот Огнен е познат текстописец, драмски автор и телевизиски сценарист. Внукот Филип дипломираше на Музичка академија и веќе со голем успех компонира забавни и народни мелодии. Помладиот син Дејан ми беше соработник на дел од ТВ серијата „Народни приказни“. Дејан е автор и на објавената книга новели „Сребрениот часовник“.  

Прашањата ги подготви: Христо Петрески