Categories
број 2 Сценска уметност

Потрага по допир

…Покажи капка на платно, сликарот ќе почне да зборува за што друго, ако не за КОНТРОЛИРАН ИНЦИДЕНТ… Покажи простор и Рисима Рисимкин ќе зборува за што, ако не за МОЌТА НА ТАНЦОТ и со телесната изразност на танчерите ќе создаде ДИНАМИЧНА ПОЕТСКА ВИЗИЈА – Танц во празниот простор. ТАНЦ, еден од најдлабоките делови на нејзиниот персоналитет, кој три децении е во лавиринтот на неговата маѓепсна убавина, што ја поттикнува нејзината непресушна креативност и креира уметност.
…Уметност на мигот, што ќе рече еден од најпознатите кореографи на современиот танц, Мерс Канингам, која не се носи дома под мишка… Таа се доживува… А, доживувањето како субјективно перцепирање на нештата со збор пишан или изговорен не можат целосно да се објаснат…
Како и да е, го имавме тоа задоволство да присуствуваме на еден таков чин – ‘Уметност на мигот’ што ни го приопшти Рисима Рисимким по повод нејзиниот триесетгодишен јубилеј во сферата на Танцовата уметност.
Креативен чин, како сублимат на нејзината богата кореографска дејност и креативните дострели. Високо професионално обмислен и осмислен по однос на сите вкомпонирани елементи во перформансот: Музичко-танцова и ликовно-илуминативна исхармонизираност. Извонредно впечатлива синтеза помеѓу современата танцова лексика со ритуална посветеност и силната кинетичка енергија изведувана од целокупниот танчерски состав и класичната балетска техника, играта на врвот од прстите, во неповторливата интерпретација на Мими Поп Алексова. Стил и естетика низ кои провејуваше духот на кинеската танцова култура во „ПОТРАГА ПО ДОПИР“.

Емилија Џипунова