Современ танцов проект, како дел од едукативната програма за студентите од Академијата за балетска педагогија – одсек за современ танц при ФМУ-УКИМ и циклусот од соработката на проф. д-р Искра Шукарова со познати уметници-кореографи и предавачи од светот, реализирани се и презентирани пред љубителите на современиот танц во Македонија неколку перформативни проекти.
„ПРОЕКТОТ М„ во соработка со Грегор Каминикар од Словенија, изведен во фоајето на МОБ, „ЧУДНА ШУМА„ два пати – премиерно и репризно на малата сцена при Македонската филхармонија во соработка со Урсула Реагли од Соединетите Американски Држави.
Го имавме тоа задоволство да бидеме сведоци на уште еден перформативен чин, реализиран во преддворието на ФМУ. На еден сублимат од повеќедневното работење, во танц работилницата, на Чарлс Снендер-Вајт и Лијан Бурнес, кореографи од САД со студентите од катедрата по современ танц на горенаведената Академија и Факултет.
Имено, станува збор за кореографско дело насловено како „РеПЛАТФОРМА„.
Дело инспирирано и работено според албумот на Холи Херндон, кој пак им бил рамка за нивниот поодамна реализиран современ дуетен танц, чија основна идеа е преку процесот на работењето да ги испитаат релациите помеѓу луѓето и дигиталниот простор. Односно, релациите произлезени од алгоритмите креирани при самиот процес на преспитувањето.
Таквиот процес на работење со студентите несомнено го поттикнува нивниот внатрешен порив и енергија. Стимулација и хармонизирање на индивидуалното и креативно изведувачко умеење на слободното танцово движење. Мошне впечатливо тоа и ни го презентираа во скалестите простори од предворијата на ФМУ и МБУЦ Илија Николовски-Луј.
Емилија Џипунова