Categories
број 5 Литература Поезија

Зборот

Categories
број 5 Литература Поезија

СКОПЈЕ


Ти што ќе стоиш на Газибаба,
потомче – чуј:
одовде и јас Скопје сум го гледал,
а денот беше пролетен, од тие
кога во меко единство се плетат
свежите линии на крововите
и сека топола е – зелен водоскок.
Со поглед малце премрежен сум бил
(одошто – молчам)
но видовит и јасен.
И знај:
јас сетив дека овој повик мој
е најсмел заграб во иднината,
со твојот дух е преграб, јас би рекол,
и како остра секавица сече
век по век тој,
и вика, клика, рика:
Мисли на мене!

Блаже Конески
Од збирката Лирски записи

Categories
број 4 Музика Поезија

Н е ж н о с т

Ти само, што ми идеш на сон,
од денот – в предел темно-мрежен
ти една само можеш да кажеш
колку сум тих, и дури нежен.

Иако сонот ми дал право
да сложам сенка на секо чело,
искрено кажи: дали сум те
навредил, еднаш, со какво дело?

Не! Силен, сепак сум се клонел
на власта своја да се решам, –
да не би да ме намразиш тајно,
да не ми идеш, ако ти згрешам.

Нежниот ЏИН од Небрегово
„Нежност“ препеана од Диме Поповски