Categories
Литература Поезија

(Сонце) РОБОТИТЕ СО СРЦА СЕ ОД НАШИОТ ГРАД

Роботите со срца се од нашиот град
дојденци со програмата Облак
налик на ајмани со белило на лицата,
но длабоко хуманоидни суштества
со светли зрачки во нанобатериите
и со автограф на челата што ѕангари ноќе
Не се многу зборлии и погледот им е тап
ама нахранети се со интуитивен дизајн
со раце полни штембили од чувства
и со по еден микрочип – ѕвездочатец
кој умее да се движи и на безветрие
низ калдрместата тастатура преку улиците
од нашиот земски град што испушта небесни звуци,
вибрирајќи со љубовта од овие ендемски Роботи
создадени за евангелие по човекот
со лабава апликација на личната мисија
на која што забот на времето ништо не ѝ може

Анета Велкоска ОДА
КОГА ЕНДЕМСКИТЕ РОБОТИ ДОАЃААТ
Феникс, 2023

Илустрации: Марко Јачев