Categories
Литература Поезија

ЗАМИНУВАЊЕ НА ПРИЈАТЕЛОТ


На Петко Шипинкаровски

Така како што живееше кротко си замина
го напушти овој свет апансас без поздрав и збогување
отиде в туѓина со раце полни од нови ракописи
со недоброј пропуштени пораки и несвртени броеви
од мобилниот телефон како надоречени мисли и вистини
збор не рече за предупреда, а тоа не му беше во нарав
или едноставно така сакало да биде знаеше да каже
и да се премолчат и пребродат многу болки и вистини.

Замина без враќање добриот струшки дух отиде
ах, отпатува ластовицата однесувајќи ја пролетта
а просторот се стори амбар преполн со молк и трепет
сабја дипленица и повеќе нѐ нема на неговите роднокрајни
поетски средби, кај вевчанските извори, на седенка во
црквата Свети Илија или на митинг со убав збор во дворот
и под ладовина во гласовитиот струшки храм,
го нема веќе нашиот Петко постојано заитан и замислен
и нас нема кој да не собере, та и нас тука не нема
останала само по некоја безгласна воздишка, жалба
и предвреме пожолтени спомени од некои златни времиња.

Единствена е вистината оти и човекот сам по себе
е судбина и приказна што не сме ги разбрале докрај
зашто сега нема покајување оти не сме имале вера и мера
за достојна почит и признателност кон пријателството.