„Мојот маж“ на Румена Бужаровска и „Мојот непријател Итар Пејо“ од Калина Малеска
„Мојот непријател Итар Пејо“ од Калина Малеска и расказите „Мојот маж“ на Румена Бужаровска претставуваат вистинко освежување во современата македонска книжевна продукција на кратката литературна форма – расказ.
Шокантна и потресна, Бужаровска без филување и без заобиколување, директно и крајно реално прикажува дел од македонската секојдневност. Преку портретите на 11 жени, таа прикажува одредени стереотипи и општествено „прифатени“ норми кои се карактеристични за македонското општество, но и за Балканот како културна целина. Сите прикажани жени имаат одреден „дефект“, одреден проблем со својот маж. Така, првата е самопотчинета жена, која формално го поддржува својот маж-поет. Таа знае дека неговата поезија нема вредност. Знае кои се неговите капацитети и можности, но свесно дозволува да биде „заведена“ од неговите „евтини“ додворувања. Тој поседува извесна доза на шарм, но таа е свесна дека може повеќе и може подобро. Дури и се чуди како можела да заврши со некој како него. Втората е жена-вдовица. Нејзиниот маж тукушто починал и таа седи изгубено. Но, тоа е само привид, бидејќи оваа жена имала љубовник. Таа е огорчена и иако сите се грижат за неа мислејќи дека сега е скршена од болка заради смртта на мажот, вистината е дека таа ја губи смислата на животот зашто сега прељубата повеќе нема смисла. Кулминацијата во овој расказ доаѓа во моментите кога една друга жена – мајката на главниот лик, признава дека во младоста и таа била прељубничка. Мајката и ќерката, кои до тогаш не споедлуваат емоции и немаат блискост, сега одеднаш се поблиски од кога било. Третата е изневерена жена. Таа е типичен лик на домаќинка која „служи“ на сопругот и децата. Таа е целосно зависна од сопругот и неговата плата, бидејќи не работи. Сепак, за својата „лојалност“ кон семејството таа е „наградена“ со изневерување. Четвртата е мајка на синче кое има „лоши“ гени, кои секако се наследени од неа. Иако ја знае вистината, таа молчи кога нејзиниот сопруг ја обвинува за сите лоши работи што детенцето ги прави. Правдата ќе биде задоволена кога нејзиниот маж ќе дознае дека е посвоен и дека не потекнува од многу ценетото семејство. Петтата е жена на 16 години постар маж-гинеколог. Таа е потценета од него зашто тој за себе смета дека има сериозна работа која ја изедначува со уметност. Неговата жена е свесна за неговата работа, но не гледа ништо уметничко во неа. Таа знае што е уметност, зашто пишува одлична поезија, која на крајот ќе го шокира нејзиниот маж. Шестата жена е уметник-аматер. Таа е самобендисана и вообразена. Живее во својот свет и мисли дека е вистински уметник. Нејзината илузија ја разбива внуката која е вистинска сликарка. Седмата жена е сопруга на амбасадор. Таа е прељубничка, но не затоа што не е задоволна од својот маж, туку зашто ѝ е досадно. Таа е разгалена жена која е научена секогаш да добива сѐ. Нејзиниот комодитет ќе ѝ го расипе друга жена со која ќе биде нејзиниот љубовник. Осмата жена е мајка на разгалено синче. Таа станала мајка иако не била подготвена за таа улога. Нејзиниот маж е пресреќен зашто има син и го разгалува. Деветтата жена има 15 години постар маж. Тој е внимателен и љубезен, вистински џентлмен. Сепак, има одредени правила по кои живее. Тука има класичен судир на генерации. Интересно е што секоја сабота ја носи кај својот пријател каде таа седи по еден час. Десеттата е мајка на грдо девојче. Таа има болна мајка која живее сама на село. Нејзиниот маж не ѝ дозволува да ја посетува зашто се плаши дека девојчето може да се разболи од истата болест иако болеста не е заразна. Девојчето умира, а нејзината смрт е казна за таткото. Последната, единаесетта жена е прељубничка. Таа се согласува на прељуба само затоа што тоа е модерно. На крајот авантурата завршува како една голема гротеска.
Бужаровска е сурово реална во претставувањето на сите женски, но и машки судбини. На прв поглед, овие жени се доживуваат како обесправени жртви, а авторката како некој кој се залага за нив и ги брани. Но, дали е така? Дали овие жени се жртви? Одговорот на ова прашање е не. Тие се еднакво одговорни за своите животи, како и нивните мажи. Ниту една од нив не е натерана со сила да биде во ситуациите во кои се наоѓаат. Зад нивната животна слика стојат тие самите, односно нивната немоќ да бидат нешто друго. Која е причината едната да биде во брак со неуспешен поет чијашто работа таа не ја почитува? Што ја тера другата да има дете ако не е подготвена за семејство? Зошто дозволува третата да биде изневерена? Одговорите Бужаровска ги крие во слоевитоста на секој од ликовите. Таа претставува одреден тип на жени и со нив поврзува соодветен тип на мажи. Тие меѓусебно си одговараат, зашто, колку и да звучи неверојатно, сите врски во животот се градат според законите на привлекување на сличното со слично. Зад секоја од овие жени стои нивната немоќ и страв да бидат нешто друго. Да се борат за себе и за своите потреби. Да го кажат своето мислење и да бараат тоа мислење да биде почитувано. Зад сите овие портрети се крие несигурноста на македоската жена. Бужаровска на одличен начин направила студија на неколку женски модели на размислување, живеење и однесување. Овие модели, повеќе или помалку, ги среќаваме постојано. Тие не се измислени книжевни ликови, туку наши блиски или далечни роднини, пријателки, познанички, жените од нашето окружување. За сите нив е заедничко немањето самопочит и газењето на сопствената личност заради некоја чудна цел. Мажите, пак, се недоволно реализирани, разгалени личности кои недоволно се созреани за врската наречена брак. Сите ликови се длабоко податливи за сериозна психолошка анализа. Преку таквата градба на ликовите, Бужаровска како да прави истражување на корените на сѐ почестата дисфункционалност на семејствата. Веројатно и таа самата постојано се судрува со такви реални ликови кои ја тераат да размислува каде е основата на таквите појави и кој е „виновен“ за таквата состојба. Тоа прави да се запрашаме: Дали ваквите однесувања се во основата на нашите битија како жени или ова е некој македонски културен синдром, пренесуван низ вековите од мајка на ќерка? Одговорот на ова прашање е комплекесен. Она што е неспорно е дека малограѓанската зачмаеност, млитавоста и немањето доволна мотивираност нешто да се смени прави сѐ повеќе жени да ги препознаеме во овие ликови. Овие раскази се сведоштво за една кутурна и духовна затапеност, за една зачмаеност од која како да не постои излез. Оттаму можеби произлегува шокантноста на овие текстови, зашто вистината секогаш звучи шокантно кога е соопштена на директен начин. Румена Бужаровска секако успеала во својата намера да предизвика будење кај читателот. Со едноставниот, прецизен и јасен стил, направила соопштувањето на таа вистина да има правилен оддек во читателскиот ум. Овие раскази можат да се гледаат и како задолжително четиво кое има превентивно и катарзично дејство.
За разлика од расказите на Бужаровска, расказите во „Мојот непријател Итар Пејо“ носат една поинаква шокантност. Во овие раскази на Калина Малеска шокот е предизвикан од изненадувањето. Насловот на збирката е земен од првиот расказ. Тука од самиот почеток се поставува прашањето: Зошто и кому му е непријател Итар Пејо? Одговорот може да се добие веднаш, во првиот расказ, но тој се провлекува и во секој нареден, до крајот на збирката. Негативното конотирање на овој фолклорен лик, од самиот почеток ни сигнализира метафоричност и нѐ насочува прочитаното да го гледаме и од опачината. Со вклучувањето на токму овој лик, кој се карактеризира со досетливост, итрост и шегобијност, Малеска на извесен начин прави генеза на македонскиот човек и посегнува по културната генетика. Тоа ѝ е потребно, веројатно за подобро да го разбере Македонецот. Со спротивставувањето на безимениот наратор и Итар Пејо, Малеска успева да го сврти вниманието кон уште еден важен, главен лик од овие раскажувања. Притоа, фолклорната тема е ставена во еден современ и реален контекст. Ако го погледнеме раскажаното од друг агол можеме да забележиме дека и во ова „наше“ време имаме некој богат кој со силата на парите присвојува имот, обичен човек кој има секојдневни егзистенцијални проблеми како болести, немање храна и немање средства за живот, а во истата средина има и таков кој со мајтап знае да добие најмногу. Во ликот на Марин може да се препознае некој новинар кој постојано бележи сѐ и од забележаното прави приказна и со тие приказни ги полни медиумите. Но, оној кој е невидлив е токму обичниот човек. Тој ја трпи сета неправда, поминува низ сите згоди и незгоди, за на крајот да остане безимен. Неименувањето е практично еднакво на непостоење. Овој коцепт се провлекува во сите раскази, а во расказот „Во огледалото“ Малеска и буквално го покажува.
Расказите од „Мојот непријател…“ течат лесно и се интересни и забавни. Стилот е едноставен, лесен, ненаметлив и изобилува со дозирана духовитост. Изобилуваат со превртени перспективи и хиперболизирана реалност која има за цел да го привлече вниманието кон суштинските пораки на македонската културна реалност. Преку парадоксалните случки во расказот „Господарот на маалото“, на пример, Малеска покажува до кој степен е затворен умот на луѓето. Иако овој расказ делува смешно, тој во своето јадро носи одромна тегобност која воопшто не е забавна. Малеска на одличен начин, преку хиперболизација на опишаните настани укажува на насилството кое во сите можни облици го имаме околу нас. Притоа, шокантно е колку сите ние сме навикнати на тие насилства и дури ги сфаќаме како нешто најобично и најсекојдневно. Состојбата е страшна и алармантна и затоа расказот како да вреска, како на секој збор да има извичник. И повторно, сето тоа воопшто не е смешно. Дури ни комедиите кои треба да нѐ засмеваат не се смешни. Затоа ликот од „Како да се напише комедија“ решава да напише вистинска комедија. На тоа ја предизвикуваат двајца автори на комедија. Секако, дуелот, иако се работи за тројца, (или труелот како што кажува нараторот) завршува така како што може да се претпостави, со невидливост и целосно игнорирање на вистинската комедија. На крајот „невидливиот“ автор пишува комедија во стилот на другите двајца и постигнува планетарен успех. Со тоа Малеска ја покажува глобалната апсурдност и комплетната извртеност на сите вредности. Тоа истото го има и во расказот „Поинаков вид оружје“. Силвија е талентиран студент по право кој завршува неславно зашто нема „снаодливост“, ја нема потребната „итроштина“ за да победи на квизот за кој другиот кандидат однапред ги има одговорите. Тоа е уште една реалност на општеството во кое живееме. Во таа реалност, ништо не е реално и затоа сме во постојана војна од која се браниме со штит од уметност, се трудиме нашите деца да ги направиме подобри со тоа што им плаќаме часови за различни активности како пливање, на пример. Работиме посветено и вложуваме во својата професија за која се натпреваруваме со нашите колеги за да на крајот бидеме и казнети повторно поради „поитрите“ од нас. Се образуваме и вложуваме во себе за на крајот да имаме проблем да најдеме вистински и достоен партнер со кој ќе создадеме семејство. Лебдиме во лебдечки згради изградени без темел и со тоа го губиме целосно тлото под нозете. Дозволуваме да нѐ проголта чудовиштето наречено технологија и да нѐ претвори во роботи, при што човечките функции си ги контролираме со копчиња. Животите ни се политички обоени, зашто само на тој начин можеме да преживееме. Се внесуваме во интриги, избувнуваме одеднаш и се лутиме без да сме сигурни дека сме во право. Мислиме дека сме центарот на светот и дека од нас потекнува сѐ. Си даваме за право да одлучуваме за другиот целосно водејќи се од сопствениот егоизам.
Со иронијата и алегоричноста, Малеска погодува директно во целта. Овие раскази, иако тематски и стилски се целосно различни, се надоврзуваат на расказите на Румена Бужаровска. Ставени едни до други, се силен аларм за освестување. Тие се јасен крик кој е непријатен и болен, крик кој има за цел да нѐ разбуди од оваа состојба на немоќ, зачмаеност и апсурдност. Затоа, е вистинска привилегија да се има можноста да се консумираат овие страници, да се „влезе“ во овие ситуации и со предизвиканите потреси на нашата срж да се преземе нешто. А, само со менувањето на нас самите можеме да предизвикаме глобални промени, промени кои ќе го направат ова време и ова место поубаво за живеење.
Атина Цветаноска