Categories
Сценска уметност

Талент, ум и убавина

„Емице, па ти ми персираш“ – ми се обрати во една од нашите бројни средби во или надвор од работното место, Македонскиот Народен Театар – Храмот на уметноста како што го нарекуваме и како што се однесуваме кон него, г-ѓа Зина Креља – Првенка на Македонската Опера. А јас, не знаејќи дали во прашањето се криеше изненадување или можеби само констатација, ги подигнав малку рамениците, ги подраширив рацете и со блага насмевка на лицето, гледајќи ја право во очите, климнав со главата. Таа ме разбра, го разбра јазикот на една балерина (уште детиште би се рекло), која што туку зачекорила во сферата на Балетската уметност. Во лавиринтите и строгите канони на ВРВНАТА ЕСТЕТИКА НА ИГРАТА.
Се разбра, во нејзините зборови, всушност, немаше призвук на зачуденост. Нејзините прекрасни црни очи – топли но и длабоко меланхолични, како да сакаа да ми кажат: „па, да, тоа си ти“. Но, не… Не затоа што тоа сум јас… Туку затоа што тоа е таа, г-ѓа Зина Креља Смердел – Примадона на македонската Опера. Исклучително харизматична личност, исткаена од телесна и духовна убавина. Непосредна, топла и искрена кон сите околу себе. Ненаметливо откривајќи ни ги притоа контурите на нејзиниот интелект, култура и образование, хармонизирани во богатиот творечки опус на оперската сцена при тогаш неповторливиот, во сите сегменти, Македонски Народен Театар.
Театар, за кој и таа самата на новинарското прашање „Каква беше атмосферата во времето на создавањето на Операта?“, ќе рече: „Морам да кажам дека тој првичен уметнички состав, сосема професионално и одговорно – никако, повторувам, никако аматерски, се зафатија со комплицирана задача што Операта ја поставуваше пред уметниците…“
„Операта ја градеа луѓе кои веќе во првите неколку оперски премиери покажаа колку македонскиот народ е раскошно талентиран, музикален. Во тие луѓе тогаш течеше чиста театарска крв. Тоа беа невидени доживувања…“
Таа крв течеше и во раскошниот талент на Г-ѓа Зина Креља Смердел. Во нејзината магична неповторливост на незаборавните мигови на креативноста.
Со нејзиниот изразено впечатлив колоратурен сопран – кадифесто мек, прекрасен legato со сите валери на piano-pianissimo и силниот, но племенит fortissimo, Примадоната на нашата Опера Зина Креља Смердел ги креираше сите главни женски ликови во оперите од лирската оперска литература.
Таа беше Неда во „Паљачи“ на R. Leoncavallo, Констаца во „Грабнување од сарајот“ на W. A. Mozart, кршливата и трепетлива Чо-Чо-Сан во „Madame Butterfly“ на G. Puccini, тихата, скромна и побожна Ѓилда во „Rigoletto“ на G. Verdi, со бликот од нежност и среќа при изведбата на аријата „Caro nome“. До исклучително креативниот дострел во улогата на Виолета Валери во „La Traviata“ на G. Verdi. А ние сите, со запрен здив, го впивавме во себе секој нејзин испеан тон, следејќи го притоа, секој сегмент од аудио-визуелната и драматуршка градација на дејствијата. На емотивната и психолошка состојба на Дамата со Камелии, преубавата Виолета Валери, која поминува низ повеќе фази на трансформација – од слободоумност и независност, до неочекувана благородност и до болка длабоки чувства, кои како флуид се ширеа низ сцената, допирајќи до последниот посетител во гледалиштето.
И сега, како со зборови да се искаже доживеаното, кога таа г-ѓа Зина, како Виолета Валери, пред смртниот час ја пее аријата „…Dio! Morir si giovine“ (…Боже! да се умре така млад). Како на читателите да им се пренесе непресушниот талент на една Примадона, која со таква леснотија, елегантно ги индивидуализираше ликовите во претставите и високо естетизирано го креираше нивниот автентичен свет.

Емилија Џипунова

Categories
Сценска уметност

Потрага по допир

…Покажи капка на платно, сликарот ќе почне да зборува за што друго, ако не за КОНТРОЛИРАН ИНЦИДЕНТ… Покажи простор и Рисима Рисимкин ќе зборува за што, ако не за МОЌТА НА ТАНЦОТ и со телесната изразност на танчерите ќе создаде ДИНАМИЧНА ПОЕТСКА ВИЗИЈА – Танц во празниот простор. ТАНЦ, еден од најдлабоките делови на нејзиниот персоналитет, кој три децении е во лавиринтот на неговата маѓепсна убавина, што ја поттикнува нејзината непресушна креативност и креира уметност.
…Уметност на мигот, што ќе рече еден од најпознатите кореографи на современиот танц, Мерс Канингам, која не се носи дома под мишка… Таа се доживува… А, доживувањето како субјективно перцепирање на нештата со збор пишан или изговорен не можат целосно да се објаснат…
Како и да е, го имавме тоа задоволство да присуствуваме на еден таков чин – ‘Уметност на мигот’ што ни го приопшти Рисима Рисимким по повод нејзиниот триесетгодишен јубилеј во сферата на Танцовата уметност.
Креативен чин, како сублимат на нејзината богата кореографска дејност и креативните дострели. Високо професионално обмислен и осмислен по однос на сите вкомпонирани елементи во перформансот: Музичко-танцова и ликовно-илуминативна исхармонизираност. Извонредно впечатлива синтеза помеѓу современата танцова лексика со ритуална посветеност и силната кинетичка енергија изведувана од целокупниот танчерски состав и класичната балетска техника, играта на врвот од прстите, во неповторливата интерпретација на Мими Поп Алексова. Стил и естетика низ кои провејуваше духот на кинеската танцова култура во „ПОТРАГА ПО ДОПИР“.

Емилија Џипунова

Categories
Сценска уметност

РеПЛАТФОРМА

Современ танцов проект, како дел од едукативната програма за студентите од Академијата за балетска педагогија – одсек за современ танц при ФМУ-УКИМ и циклусот од соработката на проф. д-р Искра Шукарова со познати уметници-кореографи и предавачи од светот, реализирани се и презентирани пред љубителите на современиот танц во Македонија неколку перформативни проекти.
„ПРОЕКТОТ М„ во соработка со Грегор Каминикар од Словенија, изведен во фоајето на МОБ, „ЧУДНА ШУМА„ два пати – премиерно и репризно на малата сцена при Македонската филхармонија во соработка со Урсула Реагли од Соединетите Американски Држави.
Го имавме тоа задоволство да бидеме сведоци на уште еден перформативен чин, реализиран во преддворието на ФМУ. На еден сублимат од повеќедневното работење, во танц работилницата, на Чарлс Снендер-Вајт и Лијан Бурнес, кореографи од САД со студентите од катедрата по современ танц на горенаведената Академија и Факултет.
Имено, станува збор за кореографско дело насловено како „РеПЛАТФОРМА„.
Дело инспирирано и работено според албумот на Холи Херндон, кој пак им бил рамка за нивниот поодамна реализиран современ дуетен танц, чија основна идеа е преку процесот на работењето да ги испитаат релациите помеѓу луѓето и дигиталниот простор. Односно, релациите произлезени од алгоритмите креирани при самиот процес на преспитувањето.
Таквиот процес на работење со студентите несомнено го поттикнува нивниот внатрешен порив и енергија. Стимулација и хармонизирање на индивидуалното и креативно изведувачко умеење на слободното танцово движење. Мошне впечатливо тоа и ни го презентираа во скалестите простори од предворијата на ФМУ и МБУЦ Илија Николовски-Луј.

Емилија Џипунова